„Лице в лице“ стигнува во Струга

Во рамки на првото издание на Фестивалот за процесирање култура ДримON, кој се одржува од 24 до 28 јули во Струга, ќе бидат претставени и продавачите на активистичкиот магазин „Лице в лице“ кои ќе работат на територијата на градот крај Дрим. Јасе, Илче, Игор и Петрит ќе се обидат да си го подобрат своето секојдневие, вклучувајќи се во тимот на продавачи на списанието кое претставува пионерски чекор на полето на социјалното претприемништво кај нас. Претставувањето ќе биде после предавањето „Лице  в лице со активизмот“, кое ќе се одржи на вториот ден на ДримON, кој пак е првата активност на Иницијативата за независен активизам ИНКА. Предавањето е од 16 часот, а претставувањето на продавачите пред медиумите ќе биде во 17:30 часот на Летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

„Лице в лице“ ја става креативноста во служба на општествените промени, нуди решенија, креира вредности. На ваков темел се гради и ИНКА, а фестивалот ДримON се покажа како одлично место за почеток на успешна соработка на двете платформи кои не се плашат да се соочат со реалноста, загрижени се за иднината и подготвени се да направат промени, – вели Климентина Илијевски, координатор на „Лице в лице“.

Магазинот ќе го продаваат корисници на Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „ПОРАКА НОВА“ од Струга и на Црвениот крст на Струга со чија помош се ангажираат социјално загрозени граѓани. Со овој чекор, по Скопје и Неготино, „Лице в лице“ ја проширува својата мрежа на градови и покрај крајбрежјето на Охридското езеро, во градот на браќата Миладиновци. Понудувајќи го на своите сограѓани списанието кое чини 100 денари, продавачите задржуваат 50 денари како директен приход за нив, со што се зајакнуваат финансиски, но истовремено полесно се инклузираат во општеството и се претставуваат како единки со одредена деловна способност, подготвени да си помогнат себеси. „Лице в лице“ е дел од Меѓународната мрежа на улични весници (ИНСП)  заедно со уште 123 улични изданија од целиот свет. Сите тие заеднички сериозно влијаат на борбата со сиромаштијата и во обезбедување на редовен приход на ранливите категории граѓани. Во фокусот на магазинот се теми од областа на екологијата, општествената одговорност, арт активизмот, а содржините поттикнуваат добри практики од областа на хуманитарната работа, културата и уметноста, унапредување на животот во градовите… „Лице в лице“ го продаваат бездомници, луѓе со ментална попреченост, младинци од улица и социјално загрозени граѓани.

Магазинот е дел од Регионалната платформа за активизам LICEULICE, која во Македонија ја спроведува Центарот за медиумски активности од Скопје.

Lice_v_lice_1 Lice_v_lice_2