Театарска претстава „Sports Play“ од Елфриде Jелинец на „Охридско Лето“

Вечерва на програмата на „Охридско Лето“ со почеток во 21:00 часот во дворот ОУ „Св.Климент Охридски“ е театарската претстава „Sports Play“ од Елфриде Јелинец, во режија на Ванда Бутковиќ, во продукција на Just A Must Theatre, Лондон – Велика Британија.

„Sports Play“ претставува едно временско истражување на темната страна на животните игри, испреплетени со конкурентна борба во животот.

Претставата е провокативно истражување и врска помеѓу спортот, национализмот и насилството и опис на човечката опседнатост со изгледот и неуморниот спортски дух. Текстот на претставата е напишан во 1998 година и е инспириран од случувањата во поранешна Југославија.

На 13.5.1990 година, редовниот натпревар помеѓу „Динамо“ Загреб и „Црвена Ѕвезда“ од Белград, на стадионот „Максимир“ во Загреб, се претвори во побуна од широки размери во траење од повеќе од 70 минути. Побуните беа предизвикани поради етнички тензии и меѓусебни провокации, помеѓу навивачките групи на двете екипи, што подоцна, за жал, стана симбол и предвестие за војната што ја зафати цела Југославија во годините што следуваа и доведе до дезинтеграција и распад на државата. Елфриде Јелинек го виде сето тоа во Виена и беше мотивирана да го претстави како мешавина од спорт и борба.

Ванда Бутковиќ, режисерката на претставата вели: „Ти учиш да го чистиш оружјето за да убиеш некој друг, а во спортот учиш како да ги користиш спортските вештини за да станеш побрз и поефикасен. Тоа е толку отворена и замаглена врска, но исто така врска која отвора размислувања на многу нивоа исто како и во играта“.

Британскиот „Тајмс“ за претставата напиша дека тоа е „олимписки напор, за играна испреплетена режија, саркастичен хумор и инспиративен сценски дизајн“.

Без оглед на сè, а врз основа на повеќето критики, претставата едноставно мора да се види.

Елфриде Јелинек е австриска нобеловка, новелистка, поетеса и драмски писател, за која е карактеристичен раскошниот и неконвенционален стил на драмско пишување.