Шесттиот ден од културно-забавното лето „На зајдисонце“ за трпејчани и туристите донесе нови и интересни содржини.
Здружението „За Трпејца со љубов“ во соработка со Националниот парк „Галичица“ денеска организираше прошетка и промоција на планинската патека Чоколско. Според Огнен Достиноски од Националниот парк „Галичица“ патеката Чоколско е уште една понуда плус во алтернативниот туризам и шанса за привлекување гости кои се вљубеници во природата и нејзините убавини. Чоколско е токму тоа, рече Достиноски со една прошетка се гледа синилото на езерото, а ако го кренете погледот кон планината Галичица ќе ја забележите и белата покривка која и среде лето ја има на врвовите на оваа планина.Достиноски накусо информираше и за богаттсвото на Националниот парк „Галичица“ со ендемична флора и фауна и ги покани туристите одблиску да се запознаат со посета на неколкуте видиковци кои од височините на Галичица даваат неповторливи глетки на Трпејца и езерото.
Вчера под раководство на историчарот на уметност Менче Клос во рамките на манифестацијата „ На зајдисонце“ започна тридневната креативна работилница по уметност која ја посетуваат над 20 деца од Трпејца и гостинчиња. Меѓу другото тие како уметнички материјал ќе ги користат и белите бисерни камчиња од плажата во Трпејца, а утре ќе имаат заедничка изложба.
Синоќа со доделување на благодарници за учесниците заврши Школата за шах организирана во соработка со шаховскиот клуб „Ласкер“ од Охрид . Централниот термин им беше отстапен на „Распеаните ѓерданчиња“ при КУД „Ѓердан“ кои одржаа едночасовен концерт со песни од работилницата на познатиот охридски композитор и раководител на „Ѓердан“ Методија Баракоски – Менде. Вечерва започнува школата по англиски раководена од професор Габриела Неделкоска член на здружението „За Трпејца со љубов“. Вечерниот термин е резервиран за учениците од Основното музичко училиште „Методи Патче“ и променадата „Со кајче по езерото’ која во Трпејца се очекува како посебна автентична атракција и предизвикува воодушевување кај гостите. Покрај школата за пливање раководена од познатиот педагог, пливач и тренер Соња Думбаловска – Делова до крајот на манифестацијата „На зајдисонце “ има уште неколку интересни содржини. Во петок навечер од 20, 30 часот е промоцијата на ДВД –то БОЕНКА „Македонски овошни приказни во стих “ од Весна Пирузева Петровска од Охрид. Следното утро во соработка со Нуркачкиот центар „Амфора“ ќе биде промовиран подводниот локалитет „Заливот на прчот“ кој се наоѓа во месноста На дол. Второто издание на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе биде заокружено во недела навечер со Изложба на етнолошки предмети сопственост на жителите од Трпејца. Организатор на сите случувања е здружението „За Трпејца со љубов“ под покровителство на Општина Охрид и со поддршка од Месната заедница од селото, спонзори и помагатели.