Избраниците на Мирза Куртовиќ водеа во текот на целиот натпревар против Естонија и заслужено славеа со 63-49, приближувајќи се на само еден триумф до пласман во полуфиналето. Одличната тимска игра и доминацијата во скокот беа клучни за конечниот исход.
Импресивно беше изданието на нашите јуниори на средбата против Естонците, која ја доминираа и контролираа во текот на сите 40 минути. Пред крајот на првата четвртина, тројката на Дарио Митров почна серија од 7-0, па резултатот на крајот на периодот беше 18-12 за Македонија. Уште на почетокот на втората четвртина, со поените на Андреј Магдевски нашата репрезентација стигна до прво двоцифрено водство од 24-14, кое знаеше како да го одржува, недозволувајќи противникот да се понадева на пресврт.
Цврстата игра во одбраната и тоа што високите кошаркари одлично се снаоѓаа во рекетот прифајајќи 24 скокови повеќе од противникот, беше клучна во продолжението од натпреварот, па и покрај тоа што нашите играчи загубија дури 28 топки на натпреварот, комплетно ја заслужија победата. Центарското дуо Двојаковски-Младеновски одигра брилијантен натпревар и со искомбинирани 24 поени и 20 скокови, го предводеше нашиот тим до триумфот. Според бројот на поените, најпрецизен беше Кристијан Николов со 13, додека Андреј Магдевски го заврши натпреварот со нов добар сестран учинок од 9 поени, 10 скокови и по 3 асистенции и украдени топки. Дарио Митров, Даниел Нацевски и Мартин Шалев уште се запишаа во листата на стрелци.
Со оваа победа во првиот натпревар од четвртфиналната група, Македонија се доближи до полуфиналето, сепак, за да обезбеди место меѓу најдобрите четири екипи на Првенството, ќе мора да ја победи Холандија денес во решавачката средба. Натпреварот помеѓу Македонија и Холандија почнува од 18:45 часот и ќе се одигра во салата „Парк“ во Струмица.