Обраќање на министерот Попоски на Четвртата глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денес имаше обраќање на тема: „Македонската надворешна политика од 1991 до 2013 година“, а во рамки на Четвртата глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора, која се одржува од 24 јули до 2 август 2013 година во Скопје и во Охрид.

Говорејќи пред големиот број претставници на македонската дијаспора,  граѓанскиот сектор и медиумите, министерот Попоски се осврна на трнливиот пат на Република Македонија во меѓународните односи, процесот на признавање и афирмација на земјата во меѓународната заедница, постигнатите резултати, интеграциските процеси на земјата во ЕУ и во НАТО, но и разните проблеми и предизвици, со кои се соочуваше и се соочува нашата држава.

Правејќи паралела меѓу минатото и сегашноста, министерот Попоски, образложи дека надворешна политика на независна Република Македонија своите први чекори ги започна во крајно тежок и неизвесен период. Наметнатите предизвици од тој период, според министерот Попоски само дополнително ја нагласија желбата на секој Македонец да се истрае и да се покаже на светот дека Република Македонија има капацитет да опстои во тешки времиња и успешно да се носи со своите обврски на меѓународен план.

Заблагодарувајќи се за придонесот на македонската дијаспора во признавањето и афирмацијата на Република Македонија, министерот Попоски констатираше дека остварувањето на сонот на многу генерации Македонци и македонски граѓани за своја самобитност и државност не би можел да се оствари без цврстата и безусловна поддршка на македонската дијаспора, чии претставници со свои бројни успеси остварени на различни полиња и во различни земји придонесоа и постојано придонесуваат за што поголема афирмација на независна Република Македонија.

Министерот Попоски посебно се осврна на целите, приоритети и предизвиците на македонската надворешната политика денес. Воедно, нагласи дека од оваа временска дистанца, со задоволство може да се констатира дека низ годините, Република Македонија стекна пријатели и сојузници кои ја поддржуваат во нејзините настојувања и заложби, а најсилен адут е свеста дека претставуваме мирољубива европска држава која има само една претензија, да се избори за свое место во европското и евро-атланското семејство на демократии, задржувајќи го притоа својот идентитет и достоинство.