Репрезентацијата на Македонија до 18 години не успеа да стигне до пласман во А-дивизијата, откако на натпреварот за третото место против Белгија, беше поразена со убедливи 70-45. Влијанието на тесниот пораз од Црна Гора во исцрпувачкото полуфинале, како и одличната игра на Белгијанците, особено во второто полувреме, беа клучни за конечниот исход.
Добро го почнаа натпреварот избраниците на Мирза Куртовиќ и иако рано во првата четвртина Љубомир Младеновски се соочи со два прекршоци, добрата реализација на бековите не одржуваше во благо водство. Сепак, во последните две минути од четвртината набрзина загубивме неколку топки, а Хемелерс погоди две тројки во низа и Белгија го заврши првиот период со предност од 26-20. Продолжи серијата на Белгијанците и во втората четвртина и за многу краток период, по 24-6 за противникот, Македонија веќе имаше висока двоцифрена негатива од 40-24.
Тешко се справуваа нашите кошаркари со исклучително расположените и брзи противници, кои знаеја како да ја казнат секоја грешка, па иако имавме обиди во третата и почетокот на четвртата четвртина да фатиме резултатски приклучок, Белгијанците постигнуваа многу лесни поени и се одлепија на недостижна разлика. Белгија го заврши натпреварот со серија од 15-1, за конечен убедлив триумф од 70-45.
Кристијан Николов со 13 поени и Андреј Магдевски со 12 поени беа најпрецизни во нашиот тим, а уште Даниел Нацевски беше меѓу поистакнатите со 10 поени. Дозволивме Белгија да прифати дури 22 офанзивни скокови, во натпревар во кој ја загубивме битката под рекетите со вкупно 12 скокови помалку.
Поразот од Белгија значи дека Македонија го заврши Европското Првенство во Струмица на четвртата позиција, во ситуација кога првопласираните три екипи обезбедуваат пласман во А-дивизијата. Во финалето, Црна Гора во тесен меч ја победи Полска со 64-63 и двајцата финалисти, заедно со Белгија, патуваат ранг погоре.
На церемонијата за доделување награди по завршувањето на финалето, нашиот репрезентативец Андреј Магдевски доби престижно признание, со вклучувањето во најдобрата петорка на турнирот, заедно со Драшковиќ од Црна Гора, Јешке од Полска, Хакансон од Данска и Кестелот од Белгија. Пољакот Дамјан Јешке беше подоцна избран за МВП на турнирот во Струмица.