Претседателот Иванов го честита големиот муслимански празник Рамазан-бајрам

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник – Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

„Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,

Дозволете ми во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани припадници на исламската вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам еден од најсветите исламски празници Рамазан-бајрам, и завршувањето на рамазанските пости.

Долгата традиција на празнување на исламските празници во Република Македонија отсекогаш била повод за меѓусебна почит и заедничка прослава на нашите граѓани, но и доказ дека во нашето општество се негуваат и почитуваат високи хуманистички традиции на кои можеме да бидеме горди. Лично бев почестен од поканите што ги примив за присуство на неколку срдечни, заеднички одбележувања на овој светол период. Заемното почитување и уважување на празниците на различните верски заедници во Република Македонија се стожерна вредност на меѓусебниот соживот во нашето општество, во што придонес има и Исламската верска зедница.

Испраќајќи Ви најискрени честитки, ја изразувам својата увереност дека како и досега, така и во иднина, во духот на меѓусебното разбирање и толеранција, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за проспертитена иднина, напредок и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, и изградба на модерна и силна Република Македонија.

Уште еднаш, Ви го честитам големиот празник и Ви посакувам многу здравје, среќа, радост и духовен мир. Овие празнични денови нека ги зацврстат мостовите на пријателство и блискост, како кон Вашите најблиски, така и кон Вашите соседи, пријатели и сограѓани, а духовниот мир нека Ви донесе успех во сите полиња и дејности на Вашите животи“.