Свечено доделени дипломите на охридските матуранти

Во Античкиот театар, со посебна организирана свеченост, на охридските матуранти од ОСУ „Св. Климент Охридски“ им беа доделени дипломите за завршено средно образование.

На свеченоста  поздравно обраќање до димпломираните средношколци  имаше претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска, која од името на Општина Охрид им посака најискрени честитки за вложениот труд и постигнатиот успех.

„Токму вие треба да сте главниот носечки столб на нашето општество и утре да бидете едни од најуспешните правници, доктори, економисти, инжењери… кои ќе бидат рамо до рамо со успешните од целиот свет и ќе можат да се соочат со предизвикот што го носи модерното време. Сега, кога стоите исправени пред една од најважните крстосници во животот, кога треба да одлучите што понатаму, ве охрабрувам никогаш да не запрете. Борбата што ќе ја водите во непрекинатата река, наречена „живот“, во никој случај нема да биде лесна, но верувајте дека само од вас ќе зависи дали ќе ги остварите вашите желби и  мечти. Секое искуство и тоа како ќе ви послужи во понатамошниот пат што полесно да ги решавате сите предизвици“, – рече Коњаноска.

Младите сограѓани кои своето образование  најавија дека ќе го продолжат на некоја од високообразовните институции изразија надеж дека со идниот ангажман во општественото живеење ќе бидат носителите на идниот развој на локалната заедница и државата.