Владата на граѓаните им овозможува бесплатни обуки за работа со компјутери

Владата на Република Македонија одлучи да спроведе една поширока активност чија цел е зголемување на информатичката писменост за граѓаните на нашата земја како чекор кон подобрување на нивната конкурентност и способности.

Имено, се работи за реализација на два посебни проекти, од кои првиот е организирање на бесплатни обуки за основна информатичка работа за сите категории граѓани за зголемување на нивната информатичка способност и писменост, а вториот е организирање на обуки за стекнување на напредни вештини за категоријата невработени лица чија цел е подобрување на нивната конкурентност на пазарот на трудот и нивно вработување.

Прво, околу основните обуки, со цел да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните за обука за користење на програми за канцелариско работење и користење на интернет, а воедно и за да се обезбеди поголема искористеност на можностите што ги нудат бесплатните интернет клубови во државата, Владата организира бесплатни обуки за информатичка писменост за сите категории на население, односно бесплатна обука за работа со компјутери.

Обуката е поделена на два тематски модули кои може да се посетуваат независно еден од друг, а може да се посетуваат и двата истовремено, и тоа:

•           Модул 1: Програми за канцелариско работење (основи на концептот на ИКТ, управување со фајлови, word, excel, power-point и др.), и

•           Модул 2: Користење на интернет за комуникација (електронска комуникација, електронска пошта, Skype, форум и блог и др.).

Модулите ќе се спроведуваат во 4 одделни сесии, во текот на 4 седмици, што значи по една сесија неделно, при што секоја сесија ќе трае 1 час и 30 минути.

Обуката ќе се одвива во групи во 22-та бесплатни интернет клуба во Република Македонија во градовите Скопје, Битола, Тетово, Охрид, Прилеп, Гостивар, Кичево, Неготино, Куманово, Кочани, Кавадарци, Штип, Свети Николе, Дебар, Радовиш, Гевгелија, Крушево, Македонски Брод,  Демир Капија, Крива Паланка, Кратово и Ресен. Во градовите во кои најмалку 20% од граѓаните се од националност која не е мнозинска на ниво на државата, обуката освен на македонски, ќе се спроведува и на јазикот на националноста која претставува најмалку 20% од населението во градот.

Веќе е во тек јавен повик кој е објавен на интернет страната на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), а секој граѓанин кој е заинтересиран за овие обуки може да се пријави на три начини и тоа: преку поднесување на барање по пошта до Министерството за информатичко општество и администрација (бул. „Св.Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје со назнака: „Бесплатна обука во интернет клубови“), преку интернет на маил адреса besplatniobuki@miao.gov.mk, и преку бесплатниот телефонски број 02-15-111.

Во пријавите ќе треба да се наведат следните податоци: име и презиме, датум на раѓање, адреса на живеење, телефон за контакт, и назнака за во кој интернет клуб е заинтересиран кандидатот да му се изврши обуката. По пријавувањето и етапното формирање на групи по бројност, МИОА повратно ќе го извести кандидатот за планот, термините и програмата за обука и тој ќе почне со истата.

Владата апелира, граѓаните во поголем број да ја искористат оваа можност и на тој начин да дадат битен придонес во подобрувањето и зголемувањето на своите вештини, знаења и способности.

Второ, околу напредните обуки, се предвидува посебна програма во рамки на Оперативниот план за активни мерки за вработување, чија суштина е организирање на обуки за невработените лица за напредни информатичко-комуникациски програми, со цел подигнување на степенот на нивни знаења и вештини, и подобрување на конкурентноста на пазарот на трудот во насока на нивно вработување.

Имено, Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) во рамките на своите активности ќе организира обуки за надградба на вештините од областа на информатичките технологии на евидентираните невработени лица за два програмски пакети: Графички дизајнер и  Java web developer.

Во текот на месец август АВРМ во соодветна постапка ќе почне со обезбедување на провајдери кои ќе ја вршат обуката, за потоа во првата половина на месец септември, да биде распишан и јавен повик за невработените лица кои сакаат да се подложат на овие обуки, и тој јавен повик ќе важи за сите регионални обучувачки центри.

Право да се пријават за да учествуваат во обуката ќе имаат сите невработени лица кои се наоѓаат на евиденција на АВРМ, со тоа што ќе се прави и проверка дали едно лице кое е на евиденција, а аплицирало на повикот останало без работа во последните три месеци. По собирањето на пријавите од невработените лица, АВРМ и МИОА ќе треба да направат претходна проверка на соодветните информатичко-комуникациски вештини на пријавените лица, затоа што овие лица кои ќе се обучуваат за овие напредни програмски пакети ќе треба да поседуваат соодветни претходни знаења од информатичката област.

По селекцијата, и формирањето на групите во зависност на интересот на кандидатите по обучувачки центар посебно, ќе се започне со обуката, а времетраењето на обуката е до 4 месеци, и таа ќе се изведува од стручни предавачи. Кандидатите кои ќе поминат обука ќе треба да полагаат испит за здобивање со верифициран меѓународен сертификат, со чие положување значително ќе ја подобрат својата позиција на пазарот на трудот, затоа што тој сертификат ќе биде нивна компаративна предност за вработување токму поради определената дефицитарност на пазарот на трудот за овие профили на работници.

Владата апелира на искористување на оваа можност, со оваа обука и стекнувањето на познавања за напредни информатички програмски пакети, лицата кои ќе ја завршат обуката ќе си ги подобрат можностите за вработување.