Од страна на Државниот инспекторат за земјоделство (одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството со аквакултурата) со седиште во Охрид интензивирани се контролите по угостителските објекти, рибарници и на останати овластени субјекти кои вршат промет на риба на Охридско – Струшката ривиера.
Во акција спроведена од Државниот инспекторат за земјоделство на ден 01.08.2013 год, извршени се повеќе надзори и контроли во угосителски објекти на Охридската ривиера. При надзорите констатирано е дека дел од субјектите кои се исконтролирани во делот на затекнатата риба која е наменета за промет во угостителските објекти, истите не поседуваа соодветни документи за потекло на рибата, односно истата пуштена во промет потекнува од рибокрадци и нелегални трговци. Одземени и отстранети при оваа акција од промет се околу 30 кг охридска белвица и пастрмка. Против правните субјекти кај кои е затекната рибата без соодветни документи за потекло изречени се глоби од по 3500 евра.
На ден 09.08.2013 год во акција спроведена помеѓу СВР – Охрид и ДИЗ – Охрид, а по претходно следење на риболовот на Струшкиот дел од Охридското Езеро, пратен е албански државјанин кој се обиде да прошверцува риба (охридска белвица и крап), за Република Албанија. При оваа акција запленети и одземени се околу 30 кг охридска белвица и крап.
Државниот инспекторат за земјоделство (одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството и аквакултурата) од Охрид ги информира сите угостителски објекти и рибарници, како и сите чинители кои се овластени да вршат промет на риба дека е неопходно да се почитува Законот за рибарство и аквакултура во делот на поседување на неопходни придружни документи, кои документи за потекло ја следат секоја пратка на риба наменета за промет, како и тоа да се почитува Правилникот за квалитет, големина, тежина и начин на декларирање на рибата наменета за промет.