Глобалните млади лидери се едуцираат во Македонија

Шеесет млади лидери од 30 различни земји, свечено по втор пат ја отворија летната школа “Институт за подготовка на глобални лидери” на Прв приватен универзитет ФОН во Струга. Институтот е дизајниран да ги обучува идните генерации за ефикасно и етичко глобално лидерство, организиран од страна на Здружението на граѓани за глобални развојни иницијативи “ТРЕТ МИЛЕНИУМ”, и освен во Струга ќе се одржи и во Скопје, до 24 август годинава.

„Институтот го организираме со цел да ги подготвиме идните млади лидери да размислуваат глобално и заеднички да делуваат за меѓународна кохезија. Како и минатата така и годинава имаме млади амбициозни учесници од скоро сите континенти кои имаат можност да следат ексклузивна програма за сеопфатно лидерство со реномирани меѓународни професори.“ – изјави Ангела Велкова, извршен директор на Институтот за подготовки на глобални лидери.   

Академски директор и еден од основачите на Институтот е Сем Потоликио, кој предава на Универзитетот Џорџтаун, Вашингтон.  Потоликио неодамна беше избран меѓу “Најдобрите 300 професори во САД”, според познатиот Принстон Преглед, единствениот професор во Америка именуван од таа област. Тој, исто така, беше именуван од страна на Американската асоцијација на колеџите и универзитетите како идниот лидер на американското високото образование. 

„Нашата цел е да се смени моделот на јавното лидерство. За таа цел ги одбираме некои од најдинамичните професори и научници во светот и ги соединуваме со едни од најимпресивните млади лидери од сите страни на светот. Тоа е единствен и уникатен амбиент. Делегатите не само што имаат можност да учат од едни од најдобрите научници во светот, тие имаат можност да комуницираат со нив надвор од училницата, за време на симулациите, во текот на оброците, теренските патувања и културни ноќи. Не постои друго искуство како ова.“ – додаде професорот Сем Потоликио, основач и претседател на Институтот и на глобалната PGL мрежа.

На Институтот исто така предаваат професорите Брендон Торнхил-Милер, Директор на Одделот за психологија на Универзитетот на Оксфорд кој ќе користи иновативни техники за зголемување на самодовербата и само-реализирање, Јург Штајнер од Универзитетот на Северна Каролина, чијашто експертиза е во полето на делиберација и делиберативни практики. Од македонските професори учесниците ќе имаат можност да дискутираат со Мишо Докмановиќ од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, кој ќе ја истакне неопходноста за префинето дипломатско претставување и комуницирање со претставници од висок дипломатски кор и меѓународната заедница.  

Учество ќе земат и регионални бизнисмени, политичари, дипломати, амбасадори кои преку своите гостински предавања ќе им го пренесат своето искуство на младите учесници.

PGLI_otvoranje_Struga