Медицински техничар заразил десетици пациенти со хепатитис Ц

Медицински техничар од САД е обвинет поради намерно инфицирање на десетици пациенти, со заразени игли со хепатитис Ц. Тој признал дека повеќе од десет години крадел лекови и дека „убил многу луѓе“.

Дејвид Квијатковски, е обвинет од болницата „Ексетер“ во Конкорд во Њу Хемршир, дека украл шприцеви со лек против болки и ги заменил со солен раствор со сопствената крв, заразена од хепатитис Ц.

Тој признал дека е виновен по 14 точки од обвинението во замена за поблага казна, со што добил од 30 до 40 години затвор. Доколку судскиот процес бил регуларен, би му следувала казна од 98 години.

Кај 32 пациенти од Њу Хемпшир е дијагностициран хепатитис Ц, кој им го пренел Квијатковски.

Пред да се вработи во болницата во Конкорд, тој работел во уште 18 други болници низ 7 сојузни држави во САД. Во Мериленд откриени се седум случаи, во Канзас шест и еден во Пенсилванија. Еден од пациентите во Канзас починал.