„Живот под кирија“ премиерно на „Охридско Лето“

Случувањата и проблемите во театарот, но и во системот во кој што тој опстојува ќе бидат прикажани во театарската премиера  „Живот под кирија“ во режија на Лука Кортина, Фиренца – Италија во изведба на НУ Албански Народен Театар, Скопје – Македонија што вечерва од 21 часот ќе биде изведена во рамките на „Охридско Лето“.

Петтата премиера на 53-то издание на Фестивалот ја  слави уметноста, носи нов текст кој и понатака ќе живее на македонските и светските сцени, креативна возбуда на целата актерска екипа. 

„Актерите не можат да се потпрат на ликовите на големите класици, на нешто што е веќе видено, туку сите заедно влегуваат во возбудата на креирање на нешто потполно ново“, вели селекторот на драмскиот дел на Охридско лето Ѓорѓи Јолевски. 

Адем Карага, директор на НУ Албански Народен Театар но и актер во претставата вели дека се соочиле со една креативна работа на текст кој зборува за театарот. 

„Се обидовме да се соочиме со проблемите а не да се плашиме од нив. Да бидеме директно со овие случувања како во театарот така и во целокупното наше општество“, рече Карага.

Авторот Рефет Абази потенцира дека текстот во претставата не нуди решенија за проблемите, туку отвора нови погледи. 

„Театарот е реална и нереална слика и една убава слобода да се искаже едно чувство или повеќе чувства, да се исткае една убава приказна… за луѓе, за нелуѓе и Дин во средината, кој се клати од една на друга страна барајќи си го своето место“, вели Абази.

За Лука Кортина, режисерот со италијанско потекло кој и претходно работел со  македонските театри како и со режирање на различни културни и програмски настани, Охридско лето е најголемата манифестација а ова за него бил најголемиот и најзначајниот момент од неговото работење. 

„Возбуден сум од воспоставениот код на разбирање театар истражување на сценскиот израз кој го направивме со актерите. Процес на силен и длабок истражувачки дух во однос на театарот. Целта беше да градиме процес во кој сцената се создава со сите елементи на театарско изразување“, потенцира режисерот на претставата.

Праизведбата на  „Живот под кирија“ е надреална сатира, приказна за младиот режисер Дин и неговите почетоци во создавањето на еден нов свет, свет во театарот и еден убав театарски живот. Но не оди сè така лесно, тој се соочува со непослушноста на актерите и управата, кои театарот го гледаат како начин за постигнување други цели…

Чувството што го добиваме од следењето на оваа праизведба, оди против затворените системи, се служи со кршење на целината, бара транспарентност и отворен дух, за да го снема и избрише оној брутален ефект како резултат на невозможноста. Работевме на еден необичен начин. Сите ние бевме дел од авторската екипа и сите одлуки беа заеднички, вели главниот актер Бесфорт Идризи кој го игра ликот на Дин, млад решисер кој носи свежи револуционерни идеи  но се справува со сплетки и актерски суети. Останатата актерска екипа ја сочинуваат Амернис Јовановска Нокшиќи, Хисмет Рамадани, Музбајдин Ќамили – Мучи,  Линда Саити,  Џевдет Јашари, Греса Паласка, Аида Елези, Генци Мирзо, Ибрахим Џемаили, Адем Карага, Беќир Нуредини, Хајрула Рамизи, Асдрен Селими, Блерим Дардишта

Театарот е еден живот кој се наоѓа некаде после, понатаму, живот кој секој го посакува, живот во слобода без стеги, живот без грижи и проблеми, велат актерите.