Македонија без отпад 2013 – акција за чистење на националните паркови

Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ и асоцијацијата Ајде Македонијa, согласно заклучoкот од 91-та седница на Владата на РМ од октомври 2012г., продолжува да ја  спроведува кампањата “Македонија без отпад”. Кампањата има за цел да се развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да се развијат механизми за подршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници. Во рамките на летната акција на кампањата ќе се спроведат активности за чистење на националните паркови во државата,  како природно и културно наследство од исклучителна вредност. 

Во НП Галичица и НП Пелистер активнoстите ќе се спроведат на 17 август, а во НП Маврово на 19 август, и тоа во период од 10 -14 часот за сите локации. 

  • Во НП Пелистер ќе се чисти на локациите: Голема Ливада, на пешачките патеки: Копанки – Јоргов Камен – Црвени Стени, потоа  Антена – Ловечка куќа и Нижеполе – Дебел Рид до Големо Езеро, како и на локациите Копанки – хотел Молика и  Копанки – Палиснопје – Информативен центар.
  • Во НП Галичица ќе се чисти на локации и тоа од Охридската страна на паркот: на излетничките места Коритa и Јадера кај Св.Наум и покрај патот Охрид-Св Наум, а од Ресенската страна, на крајбрежјето на Преспанското Езеро, кај с. Стење каде ќе се отстранува извадената трска од езерото.
  • Чистењето во НП Маврово ќе се реализира  по завршувањето на Еко грин фестивалот највен за  16, 17 и 18 август и тоа на локации: фудбалски терени во с. Маврово; ски-патеки; крајбрежје на Мавровско Езеро до црквата во вода.

Во акцијата активно се вклучија управите на трите национални паркови, општините Охрид, Ресен, Битола и Маврово и Ростуше, јавните комунални претпријатија, локалните здруженија на граѓани, туристичките и угостителски работници, планинари и  алпинисти, Црвениот крст на Македонија, Извидниците, колективните управувачи со отпад од пакување: ПАКОМАК и Еко клуб и др. 

Успешна соработка е воспоставена и со партнерите на акцијата, кои  согласно Заклучок на Влада на РМ   се:  ЗЕЛС,Министерство за локална самоуправа, Министерство за одбрана, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за образование и наука, ЈП,,Македонски шуми, Дирекција за заштита и спасување и Центар за управување со кризи

Инаку, во Република Македонија, на 21-ви и 22-ри април 2012 година за првпат се организираа пилот акции за чистење на отпадот во шест општини, а активноста доби голема медиумска поддршка и присуство на членови на Европската делегација во РМ на чело со евроамбасадорот како и дипломати од Словенија, Холандија и Шведска. 

А посамовна акција се спроведе на 5 октомври 2012 година и тоа во 54 општини, 436  локации при што се собра повеќе од 60 000 м³ цврст отпад.

Асоцијацијата Ајде Македонија и оваа акција е дел од светската акција за чистење на отпадот во еден ден која се организира во 100 земји ширум светот.