Македонската репрезентација до 21 година загуби со 4-1 на контролниот натпревар против Србија одигран во Горни Милановац. Домашниот состав постигна два гола во првите десет минути од второто полувреме, македонската репрезентација преку Николов во 62-та минута намали на 2-1, Србија ја потврди победата во 71-та и 78-та минута со погодоците на Стојиљковиќ и Мркела. Македонија играше во состав – Илиев (Димитриевски), Китановски (Алиоски), Блажевски (Драгарски), Дамчевски (Најдоски), Ашковски, Мицевски (Велковски), Николов, Г.Жута (Тартуровски), Л.Жута (Радевски), Зајков, Ѓурѓевиќ (Ангелов). Натпреварот против Србија е подготовка пред пресметката со Норвешка во Осло на 10 септември од квалификациите за Европското првенство 2015 година.
Селекторот на нашата селекција, Бобан Бабунски изрази задоволство од настапот на неговите играчи, посебно од дебитантите во тимот.
„Задоволен сум од натпреварот и од нашето издание, посебно од играчите кои дебитираа во репрезентацијата, Дени Илиев, Дамчевски, Жута, Николов, Зајков, Адили, Ангелов, Радевски, Тантуровски, Велковски. Потврдија дека имаат квалитет и сигурно ќе го користиме во следните натпревари, убеден сум дека многумина имаат потенцијал и за најдобрата репрезентација. Србија е квалитетна репрезентација, но имаа голема помош од судиите кои ја толерираа нивната груба игра. Одигравме квалитетно прво полувреме и тоа треба да биде наш пример за следниот квалификациски натпревар против Норвешка“.
Во квалификациите за ЕП, Македонија е во групата 8 со селекциите на Израел, Португалија, Норвешка и Азербејџан.На стартот на овие квалификации одигравме 0:0 на гостувањето во Азербејџан.