Успехот што го постигнува АРМ не е само успех на Министерството и Генералштабот, туку и на секој припадник на секоја команда и единица. Овој успех е резултат на одговорноста, професионализмот, храброста и ентузијазмот на припадниците на АРМ.
Ова го нагласи денеска на свеченото постројување на вработените пред зградата на Министерството за одбрана и на Генералштабот на АРМ, началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на АРМ.
„Никој нема право да посегне по угледот и рејтингот кој Армијата ги ужива кај граѓаните на Република Македонија. Мултиетничкиот состав на АРМ е придобивка која треба да ја негуваме и како таква од секој припадник на Армијата бара граѓанска и мултиетничка одговорност“, рече Котески.
Од воена гледна точка, истакна тој, дадовме максимум за НАТО, ги постигнавме стандардите, ги поддржуваме, соработуваме и ценети сме од партнерите и ние, подвлече, не можеме ништо повеќе да дадеме и да направиме.
„Не се откажуваме од нашата стратегиска цел да постанеме дел од воено-политичката алијанса, чија одлука не зависи само од воената, туку и од политичката елита“, дециден беше генерал-мајот Котески.
Според него, намалениот буџет во одбраната, како резултат на економската криза, директно влијае на стандардот на припадниците на АРМ и опременоста на Армијата.
„Сегашните финансиски средства се доволни за одржување на опремата и техниката со која располагаме, но не се доволни и за модернизација на нашата армија“, потенцира началникот на ГШ на АРМ пред присутните на постројувањето. Генерал-мајор Котески информира дека АРМ има изготвено план за модернизација, кој, како што рече, ја има поддршката од претседателот на Република Македонија, премиерот и министерот за одбрана.
„Барам како началник на ГШ да се раководите од интересите на Армијата и државата, затоа што само тие ќе не одведат до патот на успехот, стабилноста и просперитетот“, рече генерал-мајор Котески.
Говорејќи за приоритетите за наредната година, тој информира дека фокусот ќе биде ставен на измени во Законот за служба во АРМ, за подобрување на војничкиот стандард, продолжување на имплементацијата на новата организациско-формациска структура на АРМ, модернизација на Армијата, подобрување на логистичката поддршка, како и подготовка на декларираните единици за учество во меѓународни мисии.
По повод одбележувањето на Денот на АРМ, 20 – тина старешини беа унапредени во чин полковник, потполковник и мајор, а беа врачени и плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на МО и ГШ на АРМ.
По интонирањето на македонската химна, присутните, меѓу кои министерот за одбрана Талат Џафери, заменик – министерот за одбрана Емил Димитриев, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, директорот на ГШ на АРМ бригаден генерал Димче Петровски, со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите и починатите припадници на АРМ.
Во рамки на одбележувањето на 18 – Август, денеска на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ. Изложбата ќе ја посетат министерот Џафери и началникот на ГШ на АРМ, Котески.
Граѓаните утре ќе можат да го посетат Тактичко-техничкиот збор каде, покрај материјално-техничките средства и борбените возила и вооружувањето на АРМ, ќе биде прикажан и борбениот хеликоптер Ми-24.
Изложба на вооружувањето и опремата ќе биде организирана и во касарните на АРМ во Куманово, Петровец, Штип, Прилеп и Кичево, каде во текот на денот граѓаните ќе можат да ја посетат и да се дружат со припадниците на АРМ.
Првпат оваа година на плоштадот „Македонија“ во Скопје со почеток во 19 часот ќе се организира концерт на воениот оркестар на кој ќе настапат и естрадните уметници Драган Мијалковски, Есма Реџепова Теодосиевска, Мустафа Имери и Блага Петреска. Програмата ќе биде збогатена и со настапот на фолклорната група на Детскиот културен центар „Карпош“ од Скопје, а настап ќе имаат и припадниците на баталјонот за почести на АРМ, кои ќе ја изведат точката „ЕГЗИРЦИР“ со која ќе ги демонстрираат нивните вештини и строева извежбаност во работа со пушка.