Општинското средно училиште „Св.Климент Охридски“ поднесе барање до туристичките агенции од регионов за прибирање на понуди за организација на научно-рекреативната екскурзија во странство во учебната 2013/2014 година. Традиционалната екскурзија што ќе трае пет дена, и годинава ќе се реализира со ученици од втора година кои согласно предвидената програма ќе ја посетат Прага со попатна посета на Будимпешта и Виена.
Барањето доставено до туристичките агенции, претходно на посебна средба беше разгледано од посебна комисија во која покрај претставници на гимназијата членуваат и претставници на советот на родители.
Согласно барањето, сместувањето на учениците треба да биде во хотел со минимум три sвезди, а превозот до спомнатите дестинации да биде со најмалку седум високо туристички автобуси од иста класа и ист автопревозник и не постари од десет години. Автобусите треба да се климатизирани и да имаат аудио и видео опрема.
Најповолната понуда ќе биде избрана според низа критериуми меѓу кои ги издвојуваме цената на аранзманот, квалитетот на програмата за организација и водство на екскурзијата, на превозот, сместувањето и други поволности што ќе ги понудат туристичките агенции.