Вечерва и синоќа, во охридското село Велестово по 25-ти пат се одржува поетската ноќ во Велестово.
На манифестацијата, од името на градоначалникот, топло добредојде на поетите од Норвешка, Црна Гора, Бугарија, Словачка и Русија им посака Зоран Велјаноски, претставник на Општина Охрид.
„Оваа вечер е посебна, зошто заеднички го славиме 25- годишното постоење на „Поетската ноќ во Велестово“. Две и пол децении, благодарение на ентузијазмот на основачот Славе Ѓорѓо Димоски и многуте поддржувачи и неговите пријатели, овде се слави моќта на поетскиот збор, сликарството и воопшто моќта на уметноста.
Со својата автентичност и оригиналност „Поетската ноќ во Велестово“ се наметна како посебна форма на изразување почит кон убавиот поетски збор. Токму одовде, од овие височини, сите заедно, вечерва посакуваме и во иднина да ја гледаме и почуствуваме македонската духовна вертикала, која ќе се извишува до бесконечност“. – истакна Велјаноски.
Првата вечер беше посветена на младата македонска поезија и музички концерт на ансамблот „Билјана“, а после поетското читање, традиционално се одржа поетската изложба на академскиот сликар Александар Станкоски насловена „Поетика и Политика“.
На интернационалната поетска ноќ учествуваа поети од 5 земји, Норвешка, Црна Гора, Бугарија, Словачка и Русија, а вечерта беше збогатена со промоција на стихозбирката „Со други очи“ на поетесата Одвиг Клив од Норвешка, за која говореше поетесата Славица Гаџова.