Денес градоначалникот Игор Трајкоски заедно со делегација од Општина Дебарца положија свежо цвеќе пред споменикот на Славеј Планина издигнат во чест на баталјонот „Мирче Ацев“ кој на ова место пред 70 години беше формиран и преставува прва легална воена формација за ослободување на Македонија од фашистите.
Областа Дебарца е позната под името „Славна Дебарца“ поради своето славно минато исполнето со хероизам и борба за слобода на Македонија. Во периодот на турското ропство, во Дебарца крстосувале и дејствувале голем број на ајдутски чети, меѓу кој дејствувал и Кузман Капидан. Во Дебарца често престојувал и охридскиот војвода, македонскиот револуционер Христо Узунов. Токму Дебарца била најсилното жариште во времето на Илинденското востание. Многупати селата во Дебарца биле недостапни за турските војски, поради што многу од селата биле спалувани и изгорени до темел.
Меѓутоа, најмногу Дебарца е прославена од периодот на Втората светска војна. Токму на ова место, на планината Славеј на овој ден е формиран првиот македонски партизански баталјон „Мирче Ацев“.
По одржувањето на преспанскиот состанок на кој беше анализирана состојбата, донесен е заклучок дека се создадени услови за создавањена регуларни воени формации, единици кои ќе бидат способни воено и политички да делуваат на целата територија на Македонија. Така со наредба на Штабот на 2–та оперативна зона, на 18 август 1943 година, на Славеј планина се формира Првиот баталјон „Мирче Ацев“, прва регуларна воена единица на македонскиот народ.
Создавањето на војска означува нов квалитет во воената организација и услов за понатамошно успешно водење на оружените борби, гаранција дека ќе се сочуваат придобивките што ќе се извојуваат во текот на востанието и револуцијата.
Денес, после 70 години од формирањето на првиот македонски партизански баталјон „Мирче Ацев“, Република Македонија е суверена, самостојна и независна држава, горда што ја има својата Армијата, како нејзината сила и успех, која е докажана на дело преку учеството и успешно завршување на странските мисии. Македонската армија денес е вистински пример за модернизација на современото македонско општество, и претставува водечка сила која не носи кон евроатланските интеграции. Република Македонија може да биде мирна и спокојна.
Нека е честит празникот на Македонската Армија, 18 август!