Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија, упати честитки до началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески и до сите припадници на Армијата на Република Македонија.
„Како ваш врховен командант, ми претставува особена чест да ви го честитам 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија. Ден кога пред 21 година беше создадена нашата Армија да го брани територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина Република Македонија.
Како важен столб на нашата независност, Армијата ја отсликува реалната структура на македонското општество и ја чува нашата безбедност и безбедноста на нашите најблиски. Со својата реформска посветеност, професионализам во извршувањето на одговорните задачи и постигнатите резултати во мировните мисии, Армијата на Република Македонија е ценет и посакуван партнер на Алијансата во одбраната на споделените вредности – мирот, безбедноста и демократијата.
На крајот, им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите унапредени и новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија. Ви честитам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност и лојалност кон татковината.
Нека е вечен Денот на Армијата на Република Македонија!“