Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не исклучи можност за проширување на истрагата во врска со кражбата во Македонски пошти доколку за тоа се обезбедат дополнителни докази.
„Во оваа фаза МВР обезбеди докази за овие 10 лица. Токму заради тоа кривичната пријава ги опфаќа овие лица. Во оваа прилика сакам да појаснам дека секогаш кога станува збор за кривично дело ние одговорноста треба да ја гледаме и кај оние кои требало да ги обезбедат условите тоа да не се случи и се разбира кај директните извршители“, изјави министерката Јанкулоска.
Запрашана дали МВР има сознанија дека имало вакви пропусти во останатите грабежи на Македонски пошти, Јанкулоска истакна дека пред поднесување на кривична пријава не ги коментираат сознанијата и оти за последниот случај тие се презентирани откако пријавите веќе биле поднесени.
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 10 лица сите од Скопје, А.С.(31), З.Ј.(50), Г.А.(27), И.А.(40), Б.И.(32), Р. Џ.(29), Н.Б.(30), И.П.(41), В.Б.(48) и В.Т.(49), инаку сите вработени во АД „Македонска Пошта“ поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело “несовесно работење во службата” предвидено и казниво по член 353-в од КЗ на РМ.
Кривичното дело го извршиле во својство на службени лица на тој начин што со пропуштање на должниот надзор и несовесното постапување во вршењето на своите овластувања и должности, овозможиле на 26.07.2013 година во 07,15 часот на ул.„Кемал Сејфула“ во Скопје, во пошта Чаир две непознати маскирани и вооружени лица да извршат кривично дело „разбојништво“ и да одземат 13.660.000 денари, со што се стекнале со противправна имотна корист. Со тоа ја оштетиле не само АД „Македонска Пошта“ туку и Република Македонија, бидејќи станува збор за претпријатие во државна сопственост, стои во соопштението од МВР.