Со „Браќа Карамазови“ вечерва се спушта завесата на уште едно успешно „Охридско Лето“

Со претставата „Браќа Карамазови“, од македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во изведба на театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник, вечерва во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот се спушта завесата на годинешното 53-то издание на „Охридско Лето“. Интересот кај публиката е голем, а картите се распродадени од пред неколку дена. Токму затоа љубителите на театарот ќе можат да ја погледаат исклучително брилјантната претстава и ден по свеченото затворање.

Според оценките на стручната јавност  ансамблот на театарот „Марин Држиќ“  токму со  „Браќа Карамазови“ која премиерно беше претставена во Дубровник, докажал дека театарската уметност може и треба да живее во полн здив во време на општествена криза и апатија а угледниот македонски режисер Дејан Пројковски, добитник на голем број престижни награди, и на своето прво гостување во Дубровник се претставил  со исклучително режисерко остварување, непогрешливо извлекувајќи ги психолошките портрети, кои со силата на својата глума ги реализираа сите протагонисти во оваа претстава.

Што се однесува до фестивалската програма на Охридско лето 2013, критиките се повеќе од позитивни.  40-те фестивалски денови донесоа  квалитет достоен за 53 години успешна традиција.

„Фестивалот предизвикува огромен интерес и кај публиката и кај медиумите.  Годинава ветивме дека програмата, за разлика од другите години, ќе биде готова многу порано и тоа го исполнивме. Тоа само зборува дека сме на ниво на задачата, да го сочуваме и збогатиме реномето на најпрестижниот фестивал“, вели директорката на „Охридско Лето“ Елизабета Јанкуловска. 

На Охридско Лето оваа година видовме врвни светски уметнички имиња.  Со голем спектакуларен концерт на оперската ѕвезда Дмитри Хворостовски се отвори фестивалот кој понуди концерти за паметење,  дуото Корољов, Евгени Корољов и Љупка Хаџи – Георгиева, познатиот виолончелист Антонио Менезес,  Немања Радуловиќ во придружба на виолинистката Сузан Маноф, Кшиштоф Пендерецки, еден од најценетите живи композитори денес, и многу други а како наголем спектакл секако ќе остане запаметен концертот на светската атракција, спектакуларниот квартет „Бонд“ кој за првпат дојде во Македонија. Антички от театар беше преполн и за Вива Вокс ,  хорската атракција од Белград,  како и за настапот на славниот виолинист  Роби Лакатош.Во драмскиот дел успешно поминаа  неколку премиерни изведби на реномирани светски режисери и драми од познатите театарски куќи, премиерата „Мизантоп“ од Молиер во режија на Драгана Милошеска во продукција на Народниот турски театар од Скопје , НУ театар Комедија ја изведе „Хамлет во пикантен сос“ од Алдо Николај потоа фантастична политичка сатира ни дојде од срцето на Обединетото Кралство од Лондон „Спортска претстава“ од австриската авторка Елфриде Јелинек во режија на Ванда Бутковиќ а во продукција на Just a Mast театар од Лондон.

„Драмската програма на 53 издание на Охридско лето по многу нешта останува  уникатна и потполно различна од досегашните изданија на Фестивалот. Главниот акцент на програмата се премиерните изведби на домашни и странски режисерски имиња по автори кои ја продолжуваат традицијата на класичната драматургија“, велат од Фестивалот.

Јанкуловска, која од минатата година воведе новини во професионализација на целиот процес на подготовка и реализација на Фестивалот,  систем на непречена комуникација со новинарите преку прес центарот, маркетинг активностите , обуки, работилници, дебати, вели дека по напорната работа радува тоа што има огромен интерес кај публиката но и позитивни критики кај стручната јавност. Новина заподобрување на  условите, за заштита на уметниците и нивната скапа опрема од временскитре неприлики, беше и поставувањето  на монтажна конструкција на сцената Античкиот театар како и кабаници за секој посетител на Охридско лето.

„Прекрасно е кога уметниците по нивниот настап ќе ви испратат писмо во кое не ги штедат зборовите со кои се заблагодаруваат за топлиот пречек и професионалниот однос. Тоа и минатата и оваа година ни се случи од скоро сите уметници кои стапнаа на сцената на Охридско лето“.