И покрај слабата игра во првото полувреме, избраниците на Алеш Пипан успеаја комплетно да ја анулираат високата предност на Шпанците во второто полувреме и да го одведат натпреварот во интересна завршница. Сепак, европскиот шампион беше поснаодлив во последните минути и победи со 66-61. Двете репрезентации денес ќе одиграат уште еден меѓусебен дуел во градот Леон.
Полни беа трибините во салата во Сантијаго де Компостела, за поддршка на шпанската репрезентација во подготовките за Евробаскетот. Почетокот на натпреварот доцнеше 20-тина поради скршена табла при загревањето, но уште од самиот старт, Шпанија беше екипата која ја презеде контролата врз резултатот. Поведовме со 3-0 со тројката на Дамјан Стојановски, сепак веднаш потоа Марк Гасол постигна седум поени во низа, а Шпанија направи серија од 12-0. Во еден момент од првата четвртина Шпанците веќе водеа и со 19-5, па иако следуваа поени во серија на Илиевски, Дамјан Стојановски и Чековски, домаќинот ја заврши првата четвртина со предност од 21-13. Имаа проблеми нашите кошаркари со реализацијата и во втората четвртина, па иако игравме подобро во одбраната, Шпанија дополнително го зголеми водството за на полувреме да се замине резултат 38-21.
На самиот почеток на третата четвртина, домашната репрезентација дојде до највисоката предност на натпреварот од 19 поени (40-21), но од тој момент нашите кошаркари успеаја комплетно да го сменат текот на натпреварот. Гечевски и Чековски беа одлични под кошевите на двете страни, Владо Илиевски и Бо Мекејлеб ја предводеа играта на надворешните позиции, а цврстината во одбраната отвори простор за резултатско враќање кое избраниците на Алеш Пипан знаеја да го искористат. Со трите тројки на Мекејлеб, Гечевски и Чековски направивме серија од 12-2, па иако Калдерон одговори исто така со реализација од далечина, во последните 10 минути од мечот влеговме со само шест поени негатива (51-45).
Владо Илиевски постигна пет коша по ред, следуваа реализации и на Гечевски и Дамјан Стојановски и по само неколку минути во последната четвртина, високата негатива беше комплетно анулирана, за со изедначен резултат (54-54) да се влезе во неизвесна завршница. Сепак, следуваше период во кој не успеавме да реализираме неколку напади во низа, а Шпанија набрзина направи 10-0, па иако Илиевски, Мекејлеб и Чековски со реализации пред крајот се обидоа повторно да ја надополнат негативата, малку време преостана до крај и домаќините победија со 66-61. И покрај поразот, останува добриот впечаток за играта на нашата репрезентација особено во второто полувреме и покажаниот карактер за резултатско враќање и покрај високата негатива во дуелот со најсилниот европски состав.
Со 14 поени, 3 скокови и 4 асистенции, Владо Илиевски беше најдобар стрелец во нашата екипа, каде меѓу најистакнатите беа уште Ѓорѓи Чековски (11 поени, 2 скокови), Бо Мекејлеб (10 поени, 8 асистенции), Тодор Гечевски (10 поени, 6 скокови) и Дамјан Стојановски (10 поени, 4 скокови). Капитенот Перо Антиќ постигна 2 поени, но прифати 11 скокови, додека во листата на стрелци се запиша и Предраг Самарџиски со 4 поени на кои додаде и 3 скокови. Кај Шпанија најдобар беше Марк Гасол со 17 поени и 8 скокови.
Нашата репрезентација рано утрово патува од Сантијаго де Компостела за Леон, каде вечер од 21:00 часот ќе одигра уште еден натпревар против репрезентацијата на Шпанија.