Се зголемуваат шансите Охрид да добие ракометен суперлигаш

Градоначалникот Бакрачески денес одржа состанок со претставниците на Ракометниот клуб “Охрид 2011“ и охридските бизнисмени, на кој се разговараше за можноста охридските ракометари во новата сезона да се натпреваруваат во најјаката – Супер лига на Македонија.

По разгледувањето на прелиминарната финансиска конструкција подготвена од претседателот на клубот, Атанас Поп Стефанија, градоначалникот Бакрачески изрази подготвеност локалната самоуправа да преземе најголем дел од обврските кон клубот, кој согласно законските прописи треба да се трансформира во акционерско друштво. 

На состанокот повеќе бизнисмени изразија подготвеност да учестуваат во финансирањето и управувањето со клубот, со претходно добро изготвена стратегија за непречено функционирање и долгорочно стабилно позиционирање на охридскиот клуб во македонскиот ракомет.

За два дена е најавен нов состанок со присуство на повеќе бизнисмени од градов, на кој конечно ќе се знае дали Охрид ќе има претставник во Супер лигата.