Во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, која годинава по шести пат се одржува низ општините во Македонија, под наслов „Звукот на светлината“, синоќа познатиот охридски фотограф Петар Боев ја одржа својата трета самостојна изложба на фотографии.
На промоцијата воведен збор одржа академскиот сликар Славко Упевче, преку кого на изложбата беше присутно и охридското уметничко сликарство како поддршка на фотографијата како уметност.
Присутните ги поздрави и домаќинот, фотографот Петар Боев кој го изрази задоволството и честа што оваа трета изложба има можност да ја претстави повторно пред своите сограѓани, охриѓани.
„Целта на оваа изложба е да придонесеме во промоцијата и публикацијата на фотографијата за нашиот град, како фотографи да ја постигнеме уметничката вредност и да ги исполниме критериумите неопходни за достигнување на современата фотографија. Министерството за култура ме вклучи во овогодишната програма на „Топол културен бран“, но без неопходната помош која ја добив од Општина Охрид и градоначалникот Бакрачески, немаше да ја реализирам оваа изложба“, – истакна фотографот Боев.
Петар Боев зад себе има две самостојни изложби. Првата, ја одржа во јануари 2012 година на која претстави 40-тина авторски дела.
Втората изложба под наслов „The Exhibition of Ohrid Region“ ја одржа во мај 2012 година во Лондон, Велика Британија.