На барање на новинарски екипи од „Илустрована политика“ и „Скај+“ ТВ, од соседна Србија, градоначалникот Никола Бакрачески даде пошироко интервју за своето работење и визиите за развој на Охрид.
Одговарајќи на новинарските прашања за изборната победа и мотивот да се кандидира за градоначалничката функција, Бакрачески истакна дека „граѓаните на Охрид во неговата програма виделе вистинска стратегија за развој на Охрид и раскинување со слабостите и катастрофалните резултати на претходната власт“. Поставувањето на Охрид на стабилни извори на финансирање и забрзан економски развој „беше клучен мотив да се кандидирам за функцијата градоначалник, потполно свесен дека ме чека макотрпна работа, но неизмерната љубов кон мојот град и силната верба дека нештата можат да се подобрат ме мотивираа да го прифатам овој предизвик“.
На прашањето дали богата историска и културна традиција на Охрид ја зголемува одговорноста на Охридскиот градоначалник, Бакрачески со одговор дека, „потполно е свесен за одговорноста пред милениумската историја на градот и неговото значење во светски рамки, но, тоа само ја зголемува неговата посветеност во работење за сестран развој на Охрид и негова уште поголема афирмација, како уникатно место со универзално значење за целата планета“.
Градоначалникот Бакрачески одговараше и на прашања за културната соработка со соседна Србија, истакнувајќи дека „културните врски се на завидно ниво, но и дека секогаш постојат начини тие да се подобруваат и продлабочуваат“. Интегралното интервју за српската публика, ќе биде емитувано во наредниот број на престижната „Илустрована политика“.