Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија го забележа и вториот триумф по ред на турнирот во Улм, откако денеска ја совлада домашната репрезентација во натпревар кој го контролираше од самиот почеток па до крајот. Утре од 17.00 часот се среќаваме со Босна и Херцеговина во последниот меч од подготовките за Евробаскетот.
По вчерашниот тесен триумф против Грција, денеска нашата репрезентација убедливо ја совлада Германија, само потврдувајќи дека формата на играчите евидентно расте во пресрет на Евробаскетот во Словенија.
Изедначено се играше само во првата четвртина, кога Германија во поголемиот дел се наоѓаше во благо едноцифрено водство. Сепак, со самиот почеток на вториот период почна и серијата поени на нашите репрезентативци, предводена пред се од одличната игра во одбраната. Македонија прими само 8 поени во таа втора четвртина и додека Германците тешко наоѓаа начини да ги спречат нашите кошаркари во одбрана, пресвртот беше неминовен и на полувреме заминавме со предност од 43-31.
Перо Антиќ беше највпечатлив во нашиот тим во тоа прво полувреме, во кое постигна 10 поени со 4 скокови и 2 асистенции. Одлична поддршка имаше и од Чековски и Гечевски кои искомбинираа 17 поени, па уште во тие моменти, според ситуацијата на паркетот, делуваше дека Германија тешко ќе успее да се врати во натпреварот.
Второто полувреме беше повеќе рутинско и додека селекторот Алеш Пипан често комбинираше со составот, Македонија во ниту еден момент не го испушти двоцифреното водство. Бо Мекејлеб имаше впечатлива трета четвртина, поддржан од Илиевски и Дамјан Стојановски, по што нашата репрезентација го задржа и зголеми водството до крајот на натпреварот, за конечни и заслужени 81-67.
Чековски со 16 поени заврши како најпрецизен во нашиот тим, Мекејлеб додаде 14, а уште двоцифрени беа и Гечевски со 12 поени и 4 скокови, Антиќ со 11 поени, 6 скокови и 3 асистенции, Дамјан Стојановски со 11 поени и 4 скокови и Илиевски со 10 поени, 4 скокови и 4 асистенции. Уште во листата на стрелци се запишаа и Војдан Стојановски и Предраг Самарџиски кои искомбинираа 7 поени. Во тимот на Германија, Плајс беше најдобар со 16 поени и 8 скокови.
„Победите се значајни бидејќи се одраз на нагорната линија во нашата форма“, изјави селекторот Алеш Пипан.
„Сепак, не смееме да дозволи да не зафаќа еуфорија, затоа што ова се само подготвителни натпревари и најважното допрва доаѓа. На овој турнир за нас е само важно да одиграме како што треба и да се подготвиме за силниот ритам кој ќе не очекува на Евробаскетот во Словенија“, дополни Пипан.
По двете победи на двата први натпревари на подготвителниот турнир во Улм, утре од 17.00 часот нашата репрезентација ќе го одигра и последниот подготвителен меч за Евробаскетот 2013 година. Противник ќе биде Босна и Херцеговина, со која ќе се сретнеме и во групата на Евробаскетот. Во понеделник нашите кошаркари се враќаат во Скопје за последни тренинзи пред заминувањето за Словенија на 2 септември.