Настрадал додека препливувал река полна со крокодили

Едно момче настрада капејќи се во река на северот од Австралија, познато живеалиште на опасни крокодили, каде го зграпчило крокодил долг 5 метри.

Инцидентот се случил за време на роденденска прослава на пријател од момчето на место кое е позната туристичка дестинација – Националниот парк на реката Мери, 110 километри југоисточно од Дарвин.

Момчето (24 години), заедно со уште еден човек, одлучило да ја преплива реката, а крокодилот го нападнал додека се враќало кон брегот, во присуство на 15 луѓе.

„Реката Мери е позната по најголем број на одраснати соленоводни крокодили на светот. Во таа река не се плива“, изјави локалниот полициски наредник, истакнувајќи дека момчето најверојатно било под дејство на алкохол кога одлучило да ја преплива реката.

Специјални тимови извршиле пребарување на остатоците од жртвата во реката. Поради безбедност, убиен бил еден од најголемите крокодили во таа област, но не се знае дали станува збор за „крокодилот убиец“.

Бројот на крокодили на северот од Австралија значително е зголемен откако овој вид е заштитен со федерален закон во 1971 година.

Туристите се советуваат да одат, да ги гледаат, фотографираат, но да се држат што е можно понастрана од водата.

Соленоводните крокодили се најголеми и најагресивни припадници од својот вид и можат да нараснат и до 7 метри.