Во излетничкиот комплекс кај село Скребатно, викендов во организација на Општина Охрид- Секторот за Туризам и локален економски развој, под покровителство на Министерството за култура на Р.Македонија, а во соработка со Факултетот за туризам и угостителство, се одржа туристичко- промотивната манифестација „Охридска софра“ .
Големиот број на гости имаа можност да уживаат во прекрасниот амбиент, подготвените ѓомлезиња, традиционалната македонска храна и пијалоци, специјалитетите од готвачите од охридските ресторани и хотели, како и традиционалните охридски јадења чомлек, кошмишпите и охридска торта, приготвени од студентите од отсекот „Гастрономија“ при Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
Во склоп на манифестацијата „Охридска софра“ се одржа и традиционалната „Ѓомлезијада“ на која учествуваа 22 натпреварувачи. Жири комисијата изврши дегустација и оценување на приготвените ѓомлезиња, при што првата награда и ја додели на Љубица Китеска, втората на Крсте Кантароски и третата на Љубица Ѓузелоска.
Во културно- забавниот дел на манифестацијата присутните гости можеа да уживаат во звуците на етно групата „Љубојна“ и ансамблот „Билјана – јуниор“.