Деновиве во Охрид престојува поранешниот претседател на Република Хрватска Стипе Месиќ. Денес Месиќ имаше протоколарна средба со градоначалникот Никола Бакрачески. На средбата беа отворени повеќе теми од областа на политиката и дипломатијата, меѓутоа и општи теми од животот.
„Стипе Месиќ е човекот од кој што многу дипломати, многу политичари во светот можат да учат и да научат од него. Така да мене ми беше чест да бидам покрај него два дена и од него да стекнам некои искуства, со кои што тој ја водел и Република Хрватска и од времето на поранешна Југославија кога беше и последен претседател на таа поранешна држава. Секако отворивме и други теми во делот на мојата нова функција како градоначалник. Има нешто што јас навистина првпат во текот на вчерашниот ден дознав дека Стипе Месиќ бил и градоначалник, односно претседател на општина во тоа време во Раковица и тоа ми е посебно драго, разменивме искуства во поглед на разликите во водењето на градот во тоа време и ова време“. – изјави градоначалникот Бакрачески.
Градоначалникот Бакрачески изрази благодарност за желбата и мотивот на Месиќ да го посети Охрид, како и додаде дека Месиќ е човек кој навистина го сака Охрид и сака да го помага нашиот град.
„Денес сум овде во Охрид, разговаравме за можна соработка. Ние не смееме да поаѓаме од тоа дека некој како што е Хрватска сега во ЕУ и дека имаме една цел за соработка во Европа. Тоа не е точно. Ние мораме и понатаму да соработуваме, нашиот интерес мора да биде влез на сите земји од Југоисточна Европа, влез во ЕУ, бидејќи кога ЕУ ќе се соедини заедно со овие наши држави, со нашето соседство, дури тогаш Европа ќе биде голем светски играч. Без европско соединување Европа ќе биде инвалидна, а ние мораме да соработуваме, сме соработувале и порано, ќе соработваме и понатака, ќе мора да соработуваме и со трети. Мене ми е мило да се отвора соработка на Охрид со другите делови и градови од Хрватска, бидејќи тоа може да биде само корисно и за едната и другата земја“. – истакна поранешниот претседател на Хрватска Стипе Месиќ.
WebOhrid