МОН и Британскиот совет во Македонија потпишаа Меморандум за соработка

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорот на Британскиот совет во Македонија Елеонора Запрова денеска потпишаа Меморандум за соработка.

„Во рамки на проектот за поддршка на МОН и Центарот за стручно образование и обука потпишуваме Меморандум врз основа на кој Британскиот совет ќе обезбеди логистичка, финансиска и експертска поддршка во делот на имплементацијата на две суштински компоненти од Стратегијата за стручно образование и обука во контекст на доживотното учење 2013 – 2020 година“, рече министерот Ристовски.

Првата комонента, како што додаде, се однесува на градење на капацитетите на стручното образование и обука релевантно на пазарот на трудот.

„Во тој дел најпрво ќе се работи на дефинирање на методологијата и инструментите врз основа на кои ќе биде изработена пилот анализа за усогласеноста на стручното образование со пазарот на трудот на локално ниво во неколку општини, како основа за анализа на национално ниво. Преку дијалог со бизнис заедницата, односно со локалните бизниси, ќе се согледаат нивните реални потреби од одреден вид и обем на работна сила, што нас ќе ни помогне во понатамошно развивање на наставните планови и програми за соодветни стручни профили кои недостасувата во реалниот сектор“, рече Ристовски.

Тоа, како што нагласи, претставува и појдовна основа за зголемување на капацитетот на Центарот за стручно образование и обука, предвидување на потребните профили и вештини во иднина.

Втората компонента на која се однесува поддршката е унапредување на средното стручно образование во Македонија, поддршка на учениците со посебни образовни потреби кои имаат желба и амбиции да се вклучат во стручното образование.

„Во следниот период ќе биде организирана Национална конференција за инклузивно средно стручно образование, преку која ќе се сумираат најдобрите практики и искуства, кои ќе послужат за изработка на електронски прирачник за работа со учениците со посебни образовни потреби во редовните училишта. Министерството ќе продолжи да работи и на прилагодување на наставните планови и програми наменети за овие ученици“, рече Ристовски.

Овој проект ќе се имплементира следните шест месеци со можност за продолжување на соработката. Проектот опфаќа повеќе учесници, освен МОН, вработените во Центарот за стручно образование и обука, ќе бидат опфатени и Бирото за развој на образованието, Катедрите за педагогија и психологија при високообразовните институции, локалниот пазар на труд, социјалните партнери, работодавачите, училиштата и учениците.

Ристовски најави дека сите искуства и резултати ќе бидат документирани во периодични извештаи, како и финален извештај кој понатаму ќе послужи за понатамошно генерално унапредување на  средното стручно образование во Македонија.

Директорката Запрова рече дека Британскиот совет е долгогодишен поддржувач на реформите во образованието во Македонија.

„Веќе петта година активно сме вклучени во процесот на  унапредување на средното стручно образование во Македонија. Нашата работа е пред се во насока на споделување на добри практики од Обединетото кралство, обезбедување на стручна експертиза и креирање на дијалог меѓу институциите се со цел да се изнајдат механизми за успешна соработка меѓу пазарот на трудот и образовните институции“, рече Запрова.