Загина лице од Требеништа во сообраќајка на патот Охрид – Кичево

Едно лице го загуби животот по тешката сообраќајна незгода што синоќа во 17 часот и 45 минути се случи на на магистралниот пат Охрид-Кичево кај спојот со локалниот пат за селото Требеништа. Од здобиените повреди, во возило на брза помош на пат кон Општата болница во Охрид, почина Јонче Ј. (64) од селото Требеништа.

Сообраќајната незгода се случила во момент кога сега починатиот го преминувал коловозот на магистралниот пат од левата према десната страна при што дошло до удар од патничко моторно возило марка „Рено Лагуна“ со охридски регистарски ознаки управувано од М.Ш.(42) од Охрид. Ударот се случил на десната коловозна лента со предниот лев дел од патничкото возило кое се движело од Кичево кон Охрид.

За време на увидот на местото на настанот, извршен од полициски екипи и вешто лице, сообраќајот на магистралниот пат не беше во застој односно, по една сообраќајна лента се вршеше наизменично пропуштање на моторните возила.

По наредба на Јавен обвинител, подигнати се траги за ДНК анализа, во СВР-Охрид земени се брисеви од усна шуплина од возачот и сопатникот во возилото „Рено Лагуна“ а во брза помош Охрид земена им е крв и урина за анализа.

Врз телото на сега починатиот, денес ќе се изврши обдукција, а врз патничкото моторно возило дополнително вештачење.