Тијана ќе биде следниот претставник на Македонија на Евросонг 2014 година. Македонската Радио Телевизија, одлучи на овој престижен и реномиран музички натпревар, честа за претставување на Македонија да ù се довери на македонската, но и на една од најталентираните балкански афирмирани интерпретаторски ѕвезди – Тијана Дапчевиќ.
Изборот и одлуката се донесе врз основа на гласовните, музичките и естрадните квалитети со кои Тијана ја изгради својата кариера не само во Македонија туку и на Балканот. Таа важи за редок вокален интерпретатор со вонредни музички квалитети и вонсериски естраден уметник.
„МРТ не се сомнева дека со изборот на Тијана за македонски претставник на Евросонг 2014, ќе се добие комплетен и ефектен „евровизиски музички пакет” – спој на атрактивност, автентичност и талент во контекст на достојното представување на Македонија пред европската и светска културна јавност“, изјави Мери Попова, уредник на културна редакција во МРТ.
Тијана зад себе има богата музичка биографија како интерпретатор и инструменталист, позната и призната не само во Македонија туку и на Балканската музичка сцена. Нејзината соработка со врвни авторски имиња од балканското музичко миље, истенченото чувство за сценски перформанс, маркантниот и оригинален артизам ù овозможија низа на хит рефрени кои се слушани и препознатливи не само кај македонската, туку и кај балканската публика и пошироко.
Претстојното 59-то издание на најголемиот меѓународен музички фестивал во Европа – ИЗБОР ЗА ПЕСНА НА ЕВРОВИЗИЈА ќе се одржи од 6 до 10 мај 2014 година, во Данска.
Како рамноправна и официјална членка на Европската Радиодифузна Унија (ЕБУ), МРТ ги има комплетните ингеренции за начинот на избор, односно определување на национален претставник на овој музички спектакл.
Во контекст на тоа МРТ смета дека изборот на Тијана, односно нејзините квалитети во комбинација со соодветна евровизиска композиција, ќе се добие комплетен производ кој ќе ја потврди евровизиската формула за успех. Додека пак композицијата ќе се добие по принцип на нарачка од етаблирани авторски имиња и интерениот избор на една од нив.
Сите подетални информации, како и официјалното претставување на композицијата со која Македонија ќе се натпреварува во Данска 2014, ќе бидат претставени на Македонската телевизија и пред македонската јавност во периодот што следува.