Со низа свечености, во основните и средните училишта во Охрид, денеска започна новата учебна 2013/2014 година. Во основните училишта настава ќе следат 4.796 ученици од кои 544 се првачиња, а во средните училишта ќе учат 2. 475 ученици од кои 603 се запишани во прва година.
На свеченоста што се одржа во ОУ „ Григор Прличев “ , пред учениците, наставниците и родителите се обрати градоначалникот Никола Бакрачески.
„Овој ден е посебно возбудлив за 544 првачиња кои оваа учебна година се запишани во основните училишта во општина Охрид и кои денес за прв пат ќе седнат во училишните клупи за официјално да го започнат процесот на образование и стекнувањето знаења, кои ќе им бидат неопходни за сигурно да чекорат низ животот и иднината. На првачињата им посакувам овој ден да им биде исполнет со многу радост и смеа и таквата позитивна енергија да ги следи до последниот училишен ден.
Се надевам дека останатите ученици, летово добро се одморија и дека со нетрпение го очекуваа повторното седнување во училишните клупи. Образованието е континуиран процес и многу значаен живототен предизвик, кој треба успешно да се совлада, зошто стекнатото знаење постојано ќе ве придружува во животот.
За време на летниот училишен распуст инвестиравме во сите основни училишта, а тој процес ќе продолжи и понатака со уште поголем интензитет. Тоа го правиме зошто знаеме дека образованието е столб на секое современо општество и прв предуслов за развојот на заедницата“, – рече градоначалникот Бакрачески.
На свеченоста во Средното стручно училиште “Св. Наум Охридски”, градоначалникот Никола Бакрачески , на 2.475- те запишани ученици во средните училишта, им го честитам стартот во оваа етапа од нивната едукација, им посака многу здравје и успех во надградувањето на знаењето, кое е исклучително потребно во животот.
„Современото образование бара модерен пристап во наставата, а денес едно општество може да биде развиено и успешно, само ако во своите едукативни програми ги имплементира новите научни сознанија. Затоа, потребно е како општество, да овозможиме најдобри услови за стекнување на стручни квалификации на нашите ученици, за тие да бидат конкурентни на светскиот пазар на труд. Убеден сум дека учениците кои ги одбрале стручните насоки во своето образование, понатаму ќе имаат зголемени можности да ги понудат стекнатите вештини на пазарот и многу побрзо да ги реализираат своите очекувања во животот.
Образованието е континуиран процес кој постојано се надградува во текот на целиот живот. Потребно е да бидете упорни и посветени на училишните обврски кои ви претстојат“, – истакна градоначалникот Бакрачески.
Основците од селата Вапила и Ливоишта, новата учебна година, денеска ја започнаа во реновираната зграда на Подрачното училиште во с. Ливоишта кое ќе функционира во рамките на ОУ „ Ванчо Николески од с. Лескоец. Зградата, како што беше ветено, во рекордно време беше реконструирано благодарение на ангажирањето на Локалната самоуправа и опшинките јавни претпријатија.
На свечениот прием на првачињата во ОУ „ Братство Единство“ , во кое наставата се одвива на македонски, албански и турски јазик , присуствуваше претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска, во ОУ „ Кочо Рацин“ беше советникот Ангел Јанев, а во ОУ „ Христо Узунов“ беа советниците Дејан Паноски и Ангел Јанев.