Македонија поразена 80-81 од Црна Гора на стартот од Евробаскетот

Неизвесен беше натпреварот кој го означи почетокот на Првенството за нашата репрезентација, од самиот почеток па буквално до самата последна секунда. При резултат 81-80 за Црна Гора на само 2 секунди до крај, сомнителната ситуација на теренот судиите ја проценија во корист на Црна Гора, што го означи првиот пораз на нашата селекција.

Уште од самиот почеток имавме сериозно проблеми со прекршоците. Дури 7 ни беа досудени само во првата четвртина, по што Црногорците изведоа дури 10 слободни фрлања, кои ги одржаа во резултатска неизвесност. Дамјан Стојановски и Бо Мекејлеб ја предводеа играта на Македонија уште од самиот почеток, додека Суад и Сеад Шеховиќ беа најистакнати кај противникот. Со серија поени пред крајот на четвртината Црногорците поведоа со блага едноцифрена предност, но техничката на Чековски, што ја означи неговата веќе 4 лична на почетокот на вториот период, ја одведе Црна Гора и до први двоцифрени 43-32. Сепак и покрај сето тоа, Војдан Стојановски врати со тројка, Бо Мекејлеб придодаде неколку добри игри на двете страни, а уште тројки пред крајот на полувремето погодија Дамјан Стојановски и Перо Антиќ, за пресврт и водство на Македонија на паузата од 46-45.

Генерално изедначено, но постојано со Македонија во блага предност се играше во текот на целото второ полувреме. Мекејлеб и Дамјан Стојановски беа предводници на нашата игра, додека Милко Бјелица имаше свои моменти со кои ја одржуваше Црна Гора на едноцифрена негатива. На четири минути до крајот, Македонија водеше со 78-71, но предводена од Рајс, Црна Гора се врати во игра и направи пресврт за водство од 81-80, на 10 секунди до крај. Во самата завршница, по промашувањето на Мекејлеб, Чековски ја прифати топката, веднаш шутна кон противничкиот кош, кога Милко Бјелица ја зафати мрежата на сопствениот кош и го стресе обрачот, со тоа прекинувајќи ја акцијата. Нашите кошаркари почнаа да се радуваат со тоа што едниот судија веќе потврди дека кошот важи, што е логична одлука во ваква ситуација, но по консултацијата, судиите решија да ја сменат одлуката и да ја доделат топката на Црногорците. Тоа го означи крајот на натпреварот со победа на Црна Гора од 81-80.

Македонската Кошаркарска Федерација веднаш по крајот на натпреварот уредно поднесе жалба за прекршување на правилата од страна на судиите и поради тоа, технички состанок ќе се одржи по одигрувањето на мечот Литванија – Србија, кој ќе даде конечна одлука. Доказите за прекршување на правилата се темелат на видео и фото-материјал од завршните моменти на натпреварот кои го решија победникот.

Инаку, Лестер Бо Мекејлеб со 23 постигнати поени беше најпрецизен поединец во нашиот тим, додека Дамјан Стојановски го заврши натпреварот со 19 поени и 5 скокови. Илиевски беше исто така двоцифрен со 10 поени, Антиќ, Гечевски и Војдан Стојановски постигнаа по 8 поени, а уште во листата на стрелци се запиша и Предраг Самарџиски со 4 поени. Кај Црна Гора, Рајс и Суад Шеховиќ постигнаа по 16 поени.

Утре нашата репрезентација го игра вториот натпревар во Групата, каде противник е тимот кој беше окарактеризиран како фаворит, составот на Литванија. Натпреварот почнува од 21.00 часот. Вечерва, за крај на првиот ден, Литванија игра со Србија во нашата група.