Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес оствари средба со претседателот на руската компанија Газпром, г-дин Алексеј Милер.
На средбата беше разговарано за досегашната и за понатамошната соработка помеѓу двете страни и нејзиното унапредување и развивање.
Соговорниците разговараа за понатамошната реализацијата на проектот Јужен Тек и конкретните чекори за негова операционализација, при што беше истакнато дека по ратификацијата на потпишаниот договор за вклучување на Република Македонија во Јужен Тек, ќе се премине кон формирање на мешовито претпријатие помеѓу двете страни согласно договорот кое ќе ги спроведе понатамошните чекори во реализација на плановите и проектот.
Беше констатирано дека анализите и проекциите покажуваат дека со изградбата на инфраструктурата за природен гас значително ќе се зголеми потрошувачката на природниот гас која е сега на пониско ниво, што ќе доведе до поголема потрошувачка на природниот гас и може да резултира со пониска цена на гасот.
Во оваа насока премиерот Груевски го информираше соговорникот дека во скоро време се очекува да се склучи договор со руската компанија Стројтрансгас по што би се започнало со изградба на инфраструктурата за природен гас во внатрешноста на земјата и со што ќе се овозможи пристап до гас на многу компании и домаќинства во Република Македонија.
Претседателот на Газпром, г-дин Милер истакна дека компанијата Газпром се заинтересирани за соработка со Република Македонија, и дека нашата земја е влезена во развојните планови на Газпром, при што беше истакнато дека Газпром покрај постоечките планови и проекти пројавува интерес во иднина да ја разгледа можноста и за други инвестиции во Република Македонија.
Соговорниците ја истакнаа својата посветеност на понатамошно развивање на меѓусебната соработка и заедничките проекти.