И покрај тоа што избраниците на Алеш Пипан губеа и со двоцифрена разлика во четвртата четвртина, упеаја да се вратат и да намалат на 65-62 на 3 минути до крај. Сепак, уште едно спорно сценарио во завршницата, овој пат и со материјално прекршување на правилата, го насочи крајот во корист на Литванците за конечни 75-67 и втор пораз на Македонија.
Се играше изедначен почеток и со многу малку поени, така што првата реализација од поле дојде дури по нешто помалку од 4 минути игра кога Дамјан Стојановски погоди тројка за 5-2. Сепак, со влегувањето во игра на Јонас Валанчиунас, Литванците ја забрзаа играта под обрачите, а токму крилниот центар ги предводеше избраниците на Казлаускас до 20-15 по првата четвртина.
И покрај тоа што не заостанувавме во скок-играта, големиот број поени на Литванија од рекетот (24-8 на полувремето) дополнително ја зголемија нашата негатива. Често се обидувавме со шутеви за три поени (4/15 на полувреме), а имавме проблеми и со одбраната во транзиција, па Литванците на 2 минути до полувремето стигнаа до највисоки 36-24. Сепак, во последната минута, Чековски беше фаулиран во обид за тројка, Казлаускас поради приговор заработи техничка, а Мекејлеб реализираше со звукот на сирената за на пауза да се замине со достижни 39-33 за Литванија.
Борбено и со многу контакт почна второто полувреме, во кое рано ги почувствувавме проблемите со големиот број на досудени прекршоци против нас. Самарџиски, кој пред крајот на полувремето влезе во добра серија поени, го заработи својот четврти фаул и мораше на клупа. Истото се случи и со Дамјан Стојановски, а при резултат 49-42 за Литванија, досудена беше и техничка за нашата клупа, со што Литванците повторно стигнаа до двоцифрена разлика од 53-42.
Бо Мекејлеб имаше неколку добри индивидуални игри во напад, со што успевавме на моменти да намалиме, сепак, разликата постојано се движеше околу 10 поени во целата прва половина од последниот период. Сепак, при резултат 65-56, Самарџиски се врати во игра, погоди четири поени во низа, а се приклучија и Илиевски и Антиќ, па успеавме со серија поени да намалиме на 65-62. Панично делуваа Литванците во тие последни три минути, кога при влезот во последните 60 секунди, судиите со доцнење од неколку секунди досудија еден прекршок при украдена топка на Гечевски, а потоа при приговорот на Антиќ и техничка. Иако имавме само два прекршоци до тој момент во четвртата четвртина, грешката на судиите и записничката маса се случи кога на Литванците им беа доделени четири наместо две слободни фрлања и топка од страна. Тоа го одлепи литванскиот состав 7 поени разлика, кои со оглед на тоа што останаа помалку од 40 секунди до крај, беа доволни за победа од 75-67.
Владо Илиевски со 13, Перо Антиќ со 12 и Бо Мекејлеб со 11 поени беа најпрецизни во нашиот тим, а меѓу највпечатливите беа и Самарџиски кој одигра одличен меч со 8 поени и 5 скокови, браќата Стојановски кои искомбинираа 10 поени и 11 скокови, Тодор Гечевски со 8 поени и Ѓорѓи Чековски со 5 постигнати коша. Кај Литванците, Калниетис постигна 17 поени и беше предводник на победата заедно со Валанчиунас, Мациулис и Мотиејунас.
Со ова Македонија останува на делба на последното место на табелата без победа во првите две средби, сепак и натаму со отворени шанси за пласман на некоја од првите три позиции. Утре нашата репрезентација се среќава со се уште непоразената Србија, во натпревар закажан за 21:00 часот.