Заменик министерот за животна средина, м-р Стево Темелковски во Берлин, Германија, на свечената церемонија по повод обележување на 10-годишнината од започнувањето на Иницијативата – Европски Зелен Појас, во име на Владата на Република Македонија, ја потпиша Зедничката Декларација за намера за Европски зелен појас.
Нагласувајќи дека развојот на иницијативата за Европски зелен појас преставува важен меѓународен механизам за прекугранична соработка за заштитата и управување со природното наследство, заштитените подрачја, за одржување на биокоридорите и, воопшто, развојот и одржување на еколошките мрежи, заменик министерот Темелковски истакна:
„Со потпишувањето на Заедничката Декларација за намера за Европскиот зелен појас, Р.Македонија дава јасен став и придонес кон зајакнување на меѓународната соработка и политиките за заштита на животната средина и природата, со цел зачувување на природното наследство во неговата автентична состојба и негово зачувување за идните генерации“.
Европскиот зелен појас игра клучна улога во зачувувањето на биолошката разновидност и претставува мрежа која поврзува простори со исклучителни вредности со цел заштита на природните вредности по границите на некогашната „железна завеса“. Минува низ 24 земји и се протега од Баренцовото Море па се до Црното Море.
Зелениот појас во Македонија, како дел од Балканскиот зелен појас, се простира по должината на границата на Република Македонија со соседните земји (Бугарија, Грција и Албанија), притоа опфаќајќи шумски, планински, тревести и водни екосистеми. Оваа иницијатива се користи како алатка за воспоставување на прекугранични заштитени подрачја со цел соодветна заштита и зачувување на дивите видови. Површината на македонскиот зелен појас изнесува 5125 км2, што претставува околу 19,9% од вкупната површина на Република Македонија.
Македонскиот зелен појас опфаќа 11 заштитени подрачја и тоа: Националните паркови – Пелистер, Маврово и Галичица; Спомениците на природата – Охридско Езеро, Преспанско Езеро, Дојранско Езеро, Вевчански Извори, Смоларски Водопад, Колешински Водопад и Мајдан, како и Паркот на природата – Езерани на Преспанското Езеро.