Репрезентацијата на Македонија одигра брилијантен натпревар против Србија, во кој во еден момент во третата четвртина, водеше и со огромни 26 поени разлика. Нашите кошаркари ја заслужија победата, која широко ги отвора вратите за пласман во наредната фаза од натпреварувањето.
Со агресивна и брза игра го почнавме натпреварот, кога преку поените на Војдан Стојановски и Антиќ рано поведовме со 7-1, а веднаш потоа и со 12-5. Третиот прекршок на Самарџиски по само три минути игра, во ситуација кога Чековски поради повреда не му е на располагање на селекторот Пипан дојде како проблем во нашиот тим, но Тодор Гечевски заврши брилијантна работа до крајот на полувремето, а Македонија продолжи да ја контролира играта и резултатот. Во првата четвртина Србите тешко се справуваа со нашиот напад, направија дури 10 прекршоци по кои изведовме 17 слободни фрлања, а на стартот на втората четвртина, по украдената топка и реализацијата на Мекејлеб, поведовме со највисоки дотогаш 33-19.
Следуваше серија на Србија од 6 поени, но веднаш потоа Владо Илиевски врати со пет коша во низа, па остана двоцифрената разлика за нашата репрезентација. Зонската одбрана со многу движење одлично фукнционираше, Србија погоди само една тројка од 12 шутеви, а нашиот успешен напад со многу различни решенија само ја зголемуваше предноста. Бо Мекејлеб погоди тројка пред крајот на полувремето и на пауза се замина со убедливи 48-32 за Македонија.
На почетокот на третата четвртина, Перо Антиќ погоди, а потоа и Мекејлеб додаде уште четири поени и Македонија за прв пат поведе со преку 20 поени разлика, поточно 54-33. Владимир Брчков ги одигра своите дебитантски минути на едно Европско Првенство пред крајот на полувремето, а остана во игра и на почетокот на третата четвртина, вршејќи одлична работа во одбраната во дуелите со Немања Бјелица. Србија направи мала серија од 6-1, но Бо Мекејлеб беше исклучително расположен во нападот, а доби помош и од Војдан Стојановски и Антиќ, со што нашата репрезентација успеваше да ја одржи високата позитива. Во последната минута од третиот период поведовме и со највисоки 70-44 и изгледавме сигурни кон прва победа на Евробаскетот.
Србија ги имаше последните напори за резултатско враќање во последниот период, а предводени од Анѓушиќ кој погоди неколку тројки, успеа да се приближи и до 11 поени разлика (79-68), сепак Тодор Гечевски погоди една клучна тројка во тој момент, а по добрата одбрана на Гечевски и Дамјан Стојановски погоди за два поени во следниот напад, со што разликата стана превисока за Србија да може да се надева на пресврт. Во рутинските две последни минути, Македонија ја задржа апсолутно заслужената победа со конечни 89-75.
Бо Мекејлеб со 27 поени беше најпрецизен поединец во нашиот тим, а фантастична партија одигра Перо Антиќ кој реализираше дабл-дабл од 16 поени и дури 14 скокови. Владо Илиевски исто така постигна 16 поени, а огромен удел во победата имаат и сите останати кошаркари кои се појавија на паркетот, додека тимската игра беше главната моќ во нашата репрезентација. Во листата на стрелци уште се запишаа и Гечевски со 9 поени, Дамјан Стојановски со 8, Војдан Стојановски со 7 и Предраг Самарџиски со 6 поени.
Оваа прва победа на овогодинешниот Евробаскет за нашиот тим широко ги отвора вратите кон следната фаза на Првенството. Победи над Летонија и Босна и Херцеговина во последните две кола, не само што ќе не однесат во следна фаза, туку дополнително ќе пренесеме и минимум два бода во тој следен дел од натпреварувањето. Утре на Првенството е слободен ден, а во недела и понеделник ги играме последните две средби.