Средба на претседателот Иванов со спикерот на Сенатот на Канада, Ноел Кинсела

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, оствари средба со спикерот на Сенатот на Канада, Почесниот Ноел Кинсела, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, за соработката на мултилатерален план, како и за стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската унија. Двајцата соговорници изразија задоволство од континуираното интензивирање на политичкиот дијалог и позитивната динамика во развојот на севкупните односи меѓу Република Македонија и Канада. Во тој контекст претседателот Иванов ја поздрави парламентарната соработка, која бележи позитивен и успешен развој и за што голем придонес има Парламентарната група за пријателство со Македонија формирана во канадскиот парламент.

Претседателот Иванов, изрази задоволство од повторната средба со спикерот на Сенатот на Канада за краток временски период, и воедно се заблагодари за конструктивните и пријателски средби со канадските претставници при неодамнешната негова посета на Канада, кои придонесоа за зајакнување на билатерални контакти меѓу двете земји и конкретизирање на соработката во одредени области од заемен интерес.

Во однос на македонското членство во НАТО, претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната поддршка од Канада и го запозна соговорникот за актуелностите поврзани со единствената пречка која стои на патот за полноправно членство во Алијансата, како и за очекувањата во наредниот период. 

На средбата беа потврдени заложбите за натамошно унапредување на соработката во областа на одбраната, културата, науката и образованието, при што беше истакната потребата од унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави и што поскоро потпишување на конкретни договори. Во тој контекст, македонскиот претседател изрази очекување за унапредување на економската соработка и зголемување на канадските инвестиции, со оглед на инвестицискиот потенцијал со кој располага Република Македонија и мерките и активностите кои ги презема Владата на Република Македонија за подобрување на инвестициската клима во земјата.

Двајцата соговорници ја истакнаа и значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.

Претседателот Иванов и спикерот на Сенатот на Канада, г. Кинсела ја реафирмираа подготвеноста за натамошна блиска соработка во сите полиња од заемен интерес, како на билатерален, така на мултилатерален план.