Втора јавна дебата за измени на Законот за авторското право и сродните права

Во гарантирањето на правата на творците и на интелектуалната сопственост, суштинско е колективното управување со авторските дела за што досега во Законот имаше многу противречности кои резултираа со недоследности во неговата примена. Оттаму, главно, и произлегуваат измените на Законот кој е донесен во 2010 година.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска образложи дека се предлага организациите (здруженијата) за колективно управување кај радио-телевизиските организации да обезбедат и да инсталираат систем за електронска евиденција и обработка на податоци за емитуваните авторски дела во текот на годината. Од евиденцијата ќе биде прецизирана и пресметката на надоместокот што радио-телевизиските организации треба да и го платат на организацијата за колективно управување и на надоместокот што треба да го добие авторот за емитување на неговите дела.

„За покривање на вкупните трошоци за работа на организацијата, може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 10 проценти, а во случај на колективно управување, не повеќе од 20 проценти“, рече Канческа-Милевска.

Дозволата за употреба на системот ќе ја дава Министерството за култура по претходно мислење од Министерството за информатичко општество и администрација, а двете министерства ќе ја контролираат работата на системот.

Националните телевизии ќе бидат обврзани седмично да емитуваат осум часа музика на македонски јазик или на јазикот на немнозинските етнички заедници (по 50 отсто народна и забавна), а надоместокот што ќе го плаќаат за емитуваната домашна музика ќе биде десетпати помал од надоместокот за преостанатиот период од програмата. Радијата од 2014 година ќе емитуваат 40 отсто македонска музика наместо сегашните 30 проценти.

Во измените се утврдува и поимот краен корисник, со што се расчистува дилемата кој треба да плати за музиката на јавни места и на веселби. Па така, хотелот ќе треба да му плати на здружението за колективно управување за музиката што се пушта на свадба, а не физичкото лице, односно тој што прави свадба во хотелот.

Крупна измена е и постапката за донесување правилник за определување на износот на надоместоци за користење на авторските дела, односно тарифа, при што организациите за колективно управување мора да добијат мислење за прифатливост од страна на корисниците, на јавен повик што ќе трае 30 дена. Предлог-тарифата заедно со писмените мислења од корисниците ќе бидат доставени до посредничка комисија, која ќе одговори со мислење, а крајната одлука за согласност за тарифата ќе ја дава Владата.

Секој што ги исполнува условите, законски може да формира здружение за авторски права и ако има две или повеќе за ист тип права (како што во случајов се ЗАМП и ММИ во музиката), треба да се договорат за заедничко управување со правата, а договорот да го достават до Министерството за култура. Ако не се договорат меѓу себе, комисија ќе одреди која организација се смета за овластена да врши наплата на надоместоците за користење на авторските дела. Овластеното здружение што ќе ги собере средствата потоа ќе ги дели со другите здруженија.

Во Законот се утврдуваат и износи на парични казни за сите субјекти што нема да го спроведуваат.

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, соопшти дека се предлага составен дел од Законот да биде одредба со која порталите-агрегати, што собираат текстови од електронските портали, да ги објавуваат само насловите кои по преземањето мора да бидат идентични. Со нивен меѓусебен договор, агрегатите ќе може од електронските портали да ја преземат и содржината на текстот.

Авторите, изведувачите и претставниците на радио-телевизиските организации и на здруженија за колективно управување ги поздравија измените, најмногу поради задолжителниот софтвер со што, според нив, ќе се воведе ред во евидентирањето кој автор колку е емитуван, од што зависи и наплатата. Но, според друго мислење, треба да постои контрола на уредувањето за да се спречи можна корумпираност на уредниците да форсираат одредени автори/изведувачи.

Имаше и предлог организациите за колективно управување да задржуваат повеќе од предвидените 20 проценти од бруто-приходот од надоместоците, барем во првите неколку години од примената на Законот, бидејќи треба да инвестираат во инсталирање на софтверите за евиденција.