Градскиот смет не е само ѓубре, туку е и потенцијална енергетска суровина, е заклучокот на меѓународната конференција „Енергија и енергетско искористување на отпад во урбаните заeдници“ што денеска се одржува во Скопје, а чија цел е да овозможи подобра видливост за енергетско-ефикасното искористување на отпадот од урбаните заедници преку најдобрите практики.
Конференцијата се одржува во рамките на манифестацијата „Недела на енергетика Македонија 2013“ и е дел од активностите на меѓународниот проект „РЕ-СЕЕтиес“, финансиран од ЈИЕ програмата на ЕУ.
Целта на проектот е да се обезбеди помала потрошувачка на енергија и подобри услови за живеење во 12 града од ЈИЕ кои партиципираат во него. Проектот во Македонија партнерски го имплементираат Град Скопје и Здружението МАЦЕФ – Центар за енергетска ефикасност на Македонија.
„Ефикасното управување со отпадот е важен приоритет и интерес на Република Македонија и на светската заедница воопшто. Со цел да се надмине постојната состојба и да се воспостави одржлив систем за управување со отпадот националната општа политика е веќе оформена. Таа е добра основа за инвестиции со кои ќе се постигне паралелно намалување на емисиите на стакленичките гасови и производството на одржлива обновлива енергија“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми во своето обраќање на отворањето на конференцијата.
Тој посочи дека Македонија има донесено општа и долгорочна политика за управување со отпадот.
„Се надевам дека програмата на конференцијата, како и целокупниот проект, ќе поттикне промени во начините на донесување на општините во делот на управувањето со отпадот и ќе даде можност за иновативни решенија и алатки во однос на енергетското искористување на комуналниот отпад“, потенцира Адеми.
Оперативниот раководител на Делегацијата на ЕУ во Македонија Мартин Клауке рече дека Унијата и во иднина ќе продолжи да ги кофинансира проектите за подигнување на свеста за енергетската ефикасност со цел да се олесни промената на навиките на потрошувачите.
„Енергијата стана прашање од стратешки интерес за земјите членки на ЕУ. Ефикасноста на ресурсите е врвен приоритет на агендата на ЕУ, а неконтролираното производство на отпад не принудува да бараме решенија кои ќе бидат поефикасни“, рече Клауке.
Тој прецизира дека една петина од енергијата може да се заштеди преку енергетската ефикасност.
„Промената на однесувањето на потрошувачите е една од централните работи што ќе придонесат за значително намалување на потрошувачката на енергија и за производството на отпад. Затоа сите треба да почнеме да ги менуваме навиките“, потенцира Клауке.
Локалните власти, додаде, можат да имаат клучна улога во зголемувањето на свеста за управувањето со отпадот и енергетската ефикасност.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски како домаќин на конференцијата истакна дека една од стратешките определби на Скопје е креирање енергетско-ефикасен град и поттикнување на употребата на обновливи извори на енергија.
„За таа цел презедовме најразлични активности пред се во својата организација, формирајќи Одделение за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и активности за реализација на мерки во Секторот за транспорт и осветлување“, рече Трајановски.
Како придонес за подобрување на енергетската ефикасност ги истакна обновувањето на возниот парк на ЈСП Скопје, отворањето на Центар за управување со сообраќај и жичницата „Милениумски крст“, изградбата на сообраќајната инфраструктура, реконструкција на средните училишта и културните установи…
„Од годинава почнавме со реализација на идејата отпадот да го претвориме во енергенс преку востпоставување јавно-приватно партнерство со кое ЈП Дрисла ќе прерасне во модерна депонија во која речиси една третина од отпадот ќе биде трансформирана во енергија“, нагласи Трајановски и додаде дека за тоа ќе се вложат повеќе од 70 милиони евра.
Над 70 отсто од отпадот ќе може да се рециклира со што, како што рече, драстично ќе се намали количеството на отпад што трајно ќе биде одложувано на депонијата и ќе има поголема искористеност на повторно обновливите делови.
„Очекувам на тој начин Градот Скопје да биде пример и тоа не само за општините во Македонија, туку и пошироко“, додаде Трајановски.