Зголемувањето на свеста за примената на енергетската ефикасност во работењето на компаниите и запознавањето со новите трендови во оваа област е цел на работилницата „Поголема ефикасност и конкурентност на компаниите преку примена на енергетска ефикасност“ што денеска се одржа во Скопје.
На работилницата, што е дел од Платформата за енергетска ефикасност, заедничката долгорочна иницијатива на Министерството за економија и ЕВН Македонија, учествуваа претставници од над 100 компании, експерти од академската заедница и претставници од институции кои финансираат проекти за воведување на енергетската ефикасност во работењето на компаниите.
„За Владата на Република Македонија подобрувањето на енергетската ефикасност во сите сектори на финална потрошувачка на енергија е многу важен сегмент од економијата на земјата. Развојот и имплементацијата на проекти во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија имаат капацитет да создадат нови работни места, да го подобрат квалитетот на живеење, да го намалат увозот на енергија и да ги подобрат шансите за пристапување во ЕУ“, истакна министерот за економија Ваљон Сарачини во поздравниот говор на отворањето на работилницата.
Тој посочи дека примената на енергетската ефикасност во работата на претпријатијата директно ќе придонесе кон намалување на трошоците и кон подобрување на конкурентноста на компаниите на домашните и странските пазари.
„Министерството за економија и понатаму активно ќе работи кон унапредување на законодавството според новите потреби и ќе го поддржува македонскиот бизнис сектор преку сите расположливи механизми, во насока на подобрување на неговата конкурентност, бидејќи тоа е основа за поголем развој на економијата“, рече Сарачини.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Вернер Хенгст посочи дека енергетската ефикасност е голема можност за македонските бизниси, бидејќи може да ги намали трошоците на работење, но и да креира нови бизниси и нови работни места во Македонија.
„Целта на секој бизнис е да ги оптимизира трошоците и да го задржи нивото на квалитет на услугите. Имплементацијата на мерки за унапредување на енергетската ефикасност во вашите секојдневни работни процеси резултира со намалување на трошоците и подобро управување со потребите за енергија. Тоа значи дека остануваат повеќе средства на располагање за инвестирање во развојот на вашата компанија и зголемување на конкурентната предност“, им порача Хенгст на присутните на работилницата.
Нагалси дека енергетската ефикасност е основниот принцип на ЕВН и оти е многу важна за енергетскиот сектор во Македонија, бидејќи ја прави земјата понезависна од увозот и генерално го стабилизира енергетскиот сектор.
Според првиот Акциски план за енергетска ефикасност и Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност, се предвидува постигнување на национална индикативна цел за заштеди на енергија во финалната потрошувачка од девет отсто до 2018 година споредено со просечната потрошувачка на енергија во периодот 2002-2006 година. За постигнување на овие цели се преземаат низа мерки во сите сектори на финална потрошувачка на енергија, вклучувајќи го и секторот индустрија кој учествува со 28 отсто во БДП и вработува околу 30 отсто од вкупно ангажираната работна сила. Според последните анализи, индустрискиот сектор учестува со околу 33 отсто во потрошувачката на финална енергија во Македонија.
Платформата за енергетска ефикасност, чија цел е подигнување на свеста за потребата од поголема примена на мерките за енергетска ефикасност во сите сегменти на живеењето, како долгорочна стратегија беше промовирана минатата година.