ФФМ и УИНТ „Свети Апостол Павле“ потпишаа договор за соработка

Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид, претставуван од Ректорот Нинослав Марина и Фудбалската федерација на Македонија претставувана од Претседателот Илчо Ѓорѓиоски во насока на остварување на заеднички интереси, потпишаа меморандум за соработка.

Соработката има за цел афирмирање на обележјата на Фудбалската федерација на Македонија во насока на актуелизирање на спортот на целата територија на Република Македонија со сите негови обединувачки, образовни, културни и хуманитарни вредности.

Меморандумот ја дефинира соработката помеѓу потписниците за работи од заеднички интерес базирани на искористувањето на научно-стручните, професионалните и просторните услови, со насока кон унапредување на образовните, обединувачките и пред се спортски вредности во областите од заеднички и јавен интерес, како и залагање за поттикнување на спортската свест во јавноста.

Заеднички став на двете страни е дека потпишувањето на овој Меморандум ќе вроди со соработка и пред се поголемо информирање и инволвирање на јавноста во спортските, образовните и културните настани.

„Ми претставува особено задоволство што потпишавме договор за соработка со Фудбалската федерација на Македонија, уште повеќе што сите ние сме биле и сеуште сме дел од спортот кои обединува, зближува, шири радост и задоволство. Соработката со ФФМ е во рамки на активностите на нашиот Универзитет со цел да се демонстрира дека информатичките науки и технологиии се присутни во сите сегменти од општеството, вклучувајќи го и спортот. Нашите колеги, студенти, со задоволство ја прифатија соработката и се вклучија во проектите кои ги работиме со Фудбалската федереација“, – изјави Ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид, Нинослав Марина.

Тимот на УИНТ „Св. Апостол Павле“ за потребите на ФФМ изработи нова веб-страница, како и апликација за прикажување на резултатите од фудбалските натпревари организирани од ФФМ. Оваа апликација дава можност преку користење на мобилни уреди, официјалните лица да ги внесуваат резултатите од натпреварите кои се играат во моментот. Истите податоци во реално време се прикажуваат на веб страницата на ФФМ.

„Преземајќи ја улогата, а со тоа и одговорноста да се биде во фудбалот, ние мора да се адаптираме на околностите кои постојано се менуваат и се развиваат. Универзитетот „Св. Апостол Павле“ е еден клучните двигатели на новото време. Не радува тоа што ја препознаа Фудбалската федерација на Македонија како производ каде што може да ги пласираат своите остварувања. ФФМ има тенденција да ги засилува релациите со организациите кои имаат значајна улога не само за развој на фудбалот, туку и во промоција на едукацијата во Република Македонија“, – изјави Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

FFM_i_UINT_2