Во спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“, денеска, свечено беа отворени Десеттите меѓународни полициски спортски средби. Во присусутво на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, претседателот на Советот на европските полициски синдикати Бранко Прах и претседателот на ИНГО на Советот на Европа Жан- Мари Хајт, пред учесниците се обрати градоначалникот Никола Бакрачески.
„Полициските служби секојдневно се соочуваат со многу професионални предизвици. Одговорната задача која секојдневно ја извршувате, бара добри психо-физички состојби од секој поединец, а ангажирањето со спортски активности е токму оној предуслов кој треба да се практикува, за целосно да се одговори на поставените задачи. Се надевам дека покрај постигнувањето на добри спортски резултати, во прв план ќе ги имате заедничките дружења и размената на искуство и соработка помеѓу полициите служби од земјите учесници на овие игри. Овој начин на соработка на полициските служби, придонесува за подобрување на довербата помеѓу граѓаните од различните земји, а институциите се токму оној фактор кој треба да обезбеди сигурност на граѓаните“, – рече градоначалникот Бакрачески.
Македонскиот полициски синдикат денес и утре е домаќин и на конференција на Извршниот комитет на Советот на европските полициски синдикати- ЦЕСП, европска полициска асоцијација која опфаќа 22 полициски синдикати од 21- на европска држава во кои членуваат над 350 илјади полициски службеници.