Во рамките на своите активности за обезбедување на доволни количества крв и крвни продукти за потребите на пациентите во здравствените установи во Охрид, Црвен крст Охрид во соработка со Општина Охрид организира голема крводарителска акција, која под мотото „ОХРИД СПАСУВА ЖИВОТИ“ ќе се реализира на 14 септември (сабота) од 10 до 17 часот на Градскиот плоштад во Охрид.
Ги покануваме нашите хумани сограѓани да ја покажат својата хуманост и даруваат крв. На секој крводарител, организаторот на акцијата ќе му возврати со должно внимание, благодарност и скромен подарок за сеќавање на хуманиот гест, велат од Црвен крст Охрид.
Во рамки на оваа манифестација на платото пред споменикот на Св.Климент Охридски ќе биде одбележан и Светскиот ден на прва помош, 14 септември, со бројни активности и презентации на тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид. Посетителите на овој настан ќе имаат единствена можност од инструкторите и едукаторите по прва помош на Црвен крст Охрид да добијат совети и практични обуки со вештините за укажување на прва помош во најразлични ситуации.
Не треба да бидете лекар, за да спасите живот… Дарувајте крв… Научете да укажете прва помош!!! БИДЕТЕ ДЕЛ ОД НАШИТЕ АКТИВНОСТИ!