Претседателот Иванов го честита христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.

„Ваше Блаженство, Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.Одбележувајќи го денот посветен на мајката Божја споменуваме за вредностите на скромноста, трпеливоста, човечноста, споделувањето на радоста и тагата и подавањето рака на секому кому му е потребна.Празнувањето на успението на Богородица значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата.Негувајќи ја традицијата, години наназад, го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна сила. На овој голем ден ја потврдуваме нашата определба за заеднички напредок, за слога, за почитување и разбирање на сите граѓани на Република Македонија.Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир. На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам мир и спокој, опкружени со своите најблиски и исполнети со радост.“– стои во честитката на претседателот Иванов.