Донесувањето на Правилникот за подземен катастар и неговото објавување во Службен весник беше повод за средба на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности г. Славче Трпески со претставниците на медиумите. На средбата директорот Трпески и стручниот тим кој работеше на донесување на овој подзаконски акт ги информираа новинарите дека се утврдени правилата врз основа на кои геодетските фирми ќе можат да стартуваат со мерење на инфраструктурните објекти. Со премерот компаниите ќе добијат имотен лист за целата нивна инфраструктура, граѓаните преглед на евентуалните водови под нивните парцели, а ќе се постигне и поголема безбедност при извршување на градежните активности. Со овој процес за првпат ќе се прави тродимензионално снимање, односно покрај должината и ширината ќе се мери и висината.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности г. Славче Трпески во оваа прилика ги повика компаниите што поскоро да пристапат кон премер на инфраструктурните објекти, бидејки според Законот за катастар на недвижности, премерот треба да се направи во рок од пет години.
„Ќе се врши премер на сите објекти од копнениот сообраќај, сите подземни објекти, како водоводни и канализациски инсталации, електронски и комуникациски средства, електрични водови и далноводи“, – истакна директорот Трпески додавајки дека геодетските компании се подготвени за овој процес.
Компаниите со премерот ќе знаат точно каде поминуваат нивните инсталации, ќе добијат имотен лист, ќе се стекнат со право на сопственост на тие инсталации и во иднина ќе можат да располагаат со нив (да ги ставаат под хипотека, да ги даваат под закуп, да ги оттуѓуваат).