Наградата за најдобра поема за 2015 година „Григор Прличев“ се додели на поемата „Кирил 1830- Кирил 2001“ под шифра „Кирил“. Наградата ја доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид.
По разгледувањето и оценувањето на 12-те пристигнати ракописи во предвидениот рок на Конкурсот, членовите на Жирито едногласно констатираа дека одзивот во тековната натпреварувачка година за најдобра македонска поема не е масовен и е релативно задоволителен во квалитативна смисла. При тоа оценувачите се согласија дека голем дел од пристигнатите поетски ракописи не ги исполнуваат очекуваните литературни и уметнички стандарди.
„Останатите ракописи имаат прифатливо рамниште на тематско-мотивска, концепциска и структурна зрелост, поетичка инвентивност, свежина на творечката постапка, воведување на нова поетска логика и магика и со тоа укажуваат дека станува збор за авторски заложби и резултати кои ќе претставуваат влог во развојот на македонската современа поезија. Тоа, меѓу другото, говори дека овој конкурс успева да го одржи своето рамниште, почит и неспорен рејтинг кај сите генерации македонски поети.
Како резултат на аргументираната и аналитичка расправа Жирито се определи едногласно во потесен избор за Наградата да влезат двата ракописа: „Кирил 1830 – Кирил 2001“, под шифра „Кирил“, и „Ветровите од запад“, под шифра „Носталгија“.“– информираат од Центарот за култура.