Одбележан почетокот на новата академска година

На првиот академски час од 2013/2014 година, министерот за образование и наука Спиро Ристовски беше меѓу новите студенти на Природно-математичкиот и на Машинскиот факултет, посакувајќи им успех и посветеност во студирањето.

Ресорниот министер е задоволен од годинашниот одѕив на ПМФ, каде што е зголем бројот на бруцоши на студиските насоки, а најмногу на физика каде што се запишани четири пати повеќе од минатата година. Во изјава за медиумите истакна дека не бил случаен изборот да го посети ПМФ на првиот ден од академската година и оти бил мотивиран од богатата научноистражувачката дејност на тој факултет.

„Убеден сум дека следуваат генерации млади, перспективни луѓе, кои ќе придонесат за уште поголем раст и развој на Република Македонија на сите полиња. Задоволен сум што оваа година на неколку од посебните институти е евидентирано значително зголемување на запишани студенти и тоа во области во кои има сериозен дефицит. На Институтот за хемија бројот на запишани студенти е зголемен за 50 проценти, а на Институтот за физика имаме четирикратно зголемување од претходно. Ова го истакнувам како исклучително значајно зашто доколку се продолжеше со слабиот упис на институтите за физика и за хемија, можеше да се случи за некоја година во Македонија да немаме кадар од овие области“, истакна Ристовски.

Соопшти дека од вкупно 25.624 слободни места за прва година на петте државни универзитети (во Скопје, Битола, Штип, Тетово и Охрид) по првите два уписа се запишани околу 15.000 бруцоши. Во тек и третиот уписен рок на факултетите на кои има слободни места.

На новите студенти Ристовски им рече дека МОН е должно да им обезбеди се што е неопходно за нормален тек на образовниот процес, а нивна обврска е континуирано да се надградуваат со интерес и желба за завршување на високото образование побрзо со што поголем успех.

„Ќе продолжиме и натаму да инвестираме во образованието. Во овие амфитеатри ќе го добиете потребното знаење, но само ако имате доволно желба и истрајност да ги апсорбирате информациите, знаењето и искуствата на вашите професори, можноста ви е дадена на сите. Високото образование е достапно повеќе од кога било досега и тоа треба да го искористите“, рече Ристовски кој во оваа пригода симболично врачи индекс на еден од десетмина студенти кои ќе добиваат стипендија од УКИМ.

Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски им честиташе што го избрале најстариот и најголемиот универзитет со чија диплома ќе бидат рамноправни на европскиот пазар на трудот. Им порача да студираат со упорност и посветеност, да бидат одговорни кон себе, факултетот и кон државата. Ги запозна со функционирањето на УКИМ, неговата меѓународна соработка со 28 европски универзитети, советувајќи ги од следната година да ја искористат можноста што ја нудат програмите за мобилност и студиски престој во некој европски центар.

Деканот на ПМФ Ицко Ѓорѓевски на околу 400 нови студенти на тој факултет им рече дека е чест да се студира на високообразовна институција стара 67 години од која се произлезени речиси половина (43 отсто) од вкупниот број објавени трудови од Македонија во светски научни списанија со импакт-фактор и од каде се седум членови на Македонската академија на науките и уметностите.

Вие сте тие што ќе ја продолжите низата, им рече деканот на бруцошите во полниот амфитеатар, со порака достоинствено да го бранат ликот на студентот и да бидат активни учесници и креатори во создавањето на вредностите и на својата иднина.

Првиот академски час пригодно беше одбележан на сите 24 факултети во составот на УКИМ.